Политико: Промена на врвот во „катастрофалната“ балканска држава

0
1726

Западните сили отворено му посакуваат среќа на Заев. Еден западен дипломат, кој сакаше да остане анонимен, го нарече новиот премиер „најдобрата шанса што оваа земја досега ја имала“, вели Политико во анализа за Македонија.Дури и според регионалните стандарди, новиот македонски премиер Зоран Заев има застрашувачка листа на задачи.

Како и повеќето од нејзините балкански соседи, оваа земја од околу 2 милиони луѓе е меѓу најсиромашните во Европа и страда од длабоко вкоренет организиран криминал, широко распространета корупција и слабо владеење на правото.

Но Заев, 42-годишен бизнисмен што никогаш немал висока функција, се соочува со предизвици што се уникатни за Македонија. Тоа се спорот со соседна Грција околу името на земјата, што го блокираше нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, несогласувањето со Бугарија во врска со историјата и јазикот, деликатните односи меѓу двете најголеми етнички групи и јавна администрација полна со службеници лојални на претходната влада.

„Политичарите во минатото покажаа дека го злоупотребуваат системот“, рече Заев за Политико од својата канцеларија во главниот град, Скопје, седејќи пред пасторална слика со четири девојки на фонтана – остаток од неокласичното преобликување на зградата од страна на неговиот претходник.

„Се надевам дека ќе го организираме општеството на поинаков начин, со повеќе демократија, поголема слобода и повеќе правда“.

На Заев, кој помина три мандати како градоначалник на источниот град Струмица, ќе му треба многу повеќе од надеж за да оствари напредок. Но тој веќе покажа значителна упорност за да стигне олку далеку. Тој дојде на власт по долготрајната политичка криза, која кулминираше во април, кога приврзаници на старата националистичка влада упаднаа во парламентот и ги нападнаа пратениците, меѓу кои и Заев, кој доби крвава рана на главата.

Насилството поттикна промена кај претседателот Ѓорге Иванов, кој неколку месеци одбиваше да го назначи Заев за премиер, дури и кога овој состави мнозинска коалиција по парламентарните избори. Иванов рече дека се плаши дека Заев ќе направи многу отстапки за етничкото албанско малцинство во Македонија, но во мај конечно му дозволи на водачот на социјалдемократите да формира влада, пишува Политико.

„Политичката криза ја покажа катастрофалната состојба на нашето општество“, вели Заев.

„Нема повеќе тајни во нашето општество. Сите ги знаат слабостите во правосудството, во државните институции, во безбедносниот систем, во медиумите… Сиот тој систем на контрола и рамнотежа – секоја нормална земја го има. Ние го немаме.“

Името

Заев, економист по струка, предложи серија реформи за зајакнување на македонските демократски институции, за кои меѓународните организации, вклучително и ЕУ, велат дека биле сериозно поткопани за време на владеењето на претходниот премиер Никола Груевски.

Реформите, исто така, треба да ѝ овозможат на Македонија да ги почне преговорите за пристапување во ЕУ по девет месеци.

Западните сили отворено му посакуваат среќа на Заев. Еден западен дипломат, кој сакаше да остане анонимен, го нарече новиот премиер „најдобрата шанса што оваа земја досега ја имала“.

Но за да ги оствари своите цели, Заев ќе треба да реши проблем што ја прогонува Македонија уште откако се отцепи од урнатата комунистичка Југославија во 1991 година – приговорот на Грција за името на земјата.

Бидејќи еден регион во северна Грција се вика Македонија, Атина тврди дека употребата на името од страна на Скопје значи дека државата полага право на дел од грчката територија. Грците, исто така, се лути што Скопје полага право на ликови како Филип Македонски и Александар Велики, кои историски се сметаат за дел од грчката култура.

Груевски неокласично ја преобликува владината зграда

Владата на Груевски одлучи да ѝ пркоси на Атина и комплетно го преобрази Скопје со неокласични фасади и именување делови од инфраструктурата, како главниот аеродром и автопатот, по Александар Велики.

Заев вели дека е спремен да направи отстапки ако Атина е спремна да престане да се противи на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.

„Ако грчката страна навистина е спремна да ни помогне, ние сме спремни да размислиме за сè што ќе биде од корист“, рече тој. „Јас не сум тврдоглав за ниедно прашање, па сè е можно“.

Заев, исто така, сака да ги подобри односите со Бугарија со потпишување на „договор за пријателство“ кога бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе дојде во посета во почетокот на следниот месец.

Македонија и Бугарија споделуваат лингвистички и културни сличности, но имаат и различни ставови за нивната историја и јазик, вели Политико. Бугарија не го признава македонскиот јазик, го смета за дијалект на бугарскиот, а историските записи на државите се разликуваат околу тоа дали древните лидери биле етнички Бугари или Македонци.

Заев рече дека договорот нема да ѝ наштети на земјата на ниеден начин, туку ќе ја направи Бугарија „попосветена“ на пријателството. Ова ќе ја направи Софија убеден застапник за Македонија кога Бугарија ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ во јануари 2018 година, тврди тој.

„Прифаќањето на заедничката историја во договорот не е опасност за ниедна земја и не е опасност за нас“, рече тој.

Пречки дома

Работите се потешки на домашниот фронт, вели Политико.

Заев рече дека, по преземањето на функцијата, неговата влада открила скоро една милијарда евра претходно непријавен долг, а во голем број од канцелариите на неговиот тим биле одземени компјутерите, масите и столовите.

Во парламентот ВМРО-ДПМНЕ, поранешната владејачка партија, ги подели своите 51 пратеник во 10 парламентарни групи, со цел да ја попречи дебатата околу реформите како што се новиот буџет и назначувањето јавен обвинител.

Судбината на канцеларијата на специјалниот обвинител, формирана за да се испита прислушувањето, како дел од напорите со посредство на ЕУ за ставање крај на политичката криза уште во 2015 година, исто така виси на конец.

Во меѓувреме, Заев се соочува со притисок од коалиционите партнери што го претставуваат етничкото албанско малцинство – за кое се проценува дека сочинува околу една четвртина од населението – да го исполни залогот за зголемување на официјалната употреба на албанскиот јазик, вели Политико.

Новиот премиер, исто така, мора да се обиде да ги ослободи државните институции од контролата на функционерите што своите работни места ги добиле благодарение на блиските врски со ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време да му се спротивстави на искушението да ги замени со свои партиски поданици.

„Новата влада има задача да реформира, или да ја оддели партијата од државата и во судството и во администрацијата, што не е лесно со оглед на тоа што јавниот сектор е најголемиот работодавец во земјата“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика со седиште во Скопје.

Никола Попоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој претходно служеше како министер за надворешни работи, предупреди дека Заев „дал премногу ветувања“ и се соочува со голем предизвик да ги „приспособи очекувањата на гласачите“ во мошне поделеното политичко опкружување.

Но засега, Заев избира да ја гледа светлата страна. Тој го поздрави фактот дека Македонија успеала сама да постигне договор со Бугарија, без посредство на аутсајдери, што беше норма во последниве децении на Балканот.

„Ние сме многу горди… што ќе испратиме порака до светот“, вели тој. „Постои капацитет кај политичарите, кога сакаат, да најдат решение за такви деликатни проблеми“.

Извор : МКД