Поднесени 4 барања за поведување прекршочни постапки против активист на “Шарената револуција”

0
1506

Министерството за внатрешни работи, односно Полициската станица од општа надлежност Прилеп, до прилепскиот Основен суд поднесе 4 барања за поведување прекршочни постапки против граѓанскиот активист, адвокатот Жарко Стеваноски.

Стеваноски се товари дека за време на протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп, на коловозот пред општинската зграда го испишувал графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“. На тој начин Стеваноски ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвраќал нивното внимание во таква мера што можела да биде опасна по безбедноста на сообраќајот.

Наводите во поднесените барања прилепскиот адвокат ги смета за апсурдни, пред сѐ заради чл.191 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој вели: „Прекршочна казна се предвидува за оној кој на пат поставува табли, знаци, светла, столбови или други слични предмети со кои се засолнува или се намалува видливоста на поставените сообраќајни знаци или кои со својата форма, боја, изглед или место на поставување имитираат или личат на некој сообраќаен знак или ги заслепуваат учесниците во сообраќајот или го одвраќаат нивното внимание во мера која може да биде опасна за безбедноста на сообраќајот“.

prilep1

Адвокатот Стеваноски вели дека иницираните судски постапки не се ништо друго, туку форма на притисок врз учесниците на „Шарената револуција“, дотолку повеќе што истите не наоѓаат елементарна поткрепа во законската регулатива. „За време на одржувањето на протестите во Прилеп, сообраќајницата беше блокирана и обезбедувана од страна на припадници на МВР. Исто така, после завршување на секој протест цистерна од ЈКП „Комуналец“ со млаз вода ги чистеше испишаните графити, а дури потоа сообраќајницата повторно беше ставана во употреба“, појаснува Стеваноски.

Тој вели дека располага со писмени докази со кои после завршувањето на прекршочните постапки ќе го обелодени начинот на кој службени лица од МВР-ПС Прилеп вршеле фалсификување на службени документи и изготвувале документи со невистинита содржина, чија цел била иницирање на постапки против него.

Зоран Милошовски