ПОГЛАВАРОТ НА ИВЗ РЕЏЕПИ МОЖЕ КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРА АКО ГИ ПОВИКА ВЕРНИЦИТЕ ДА СЕ МОЛАТ ВО ЏАМИИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

0
1009

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сулејман Реџепи во телевизиски настап го предупреди вицепремиерот Бујар Османи и Владата дека ако ИВЗ не добие помош од државата, тие ќе го повлечат повикот за заштита од пандемијата на коронавирус. (Фото: ИВЗ)

Поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи може кривично да одговара како повикувач за кршење на владините мерки за забрана на движење во екот на пандемијата со коронавирус, ако ја оствари заканата дека ќе ја повлече одлуката верниците да се молат дома место во џамија.

Освен Реџепи, по член 206 од Кривичниот законик, велат од Јавното обвинителство, ќе одговараат поединечно и верниците од муслиманската вероисповед кои ќе бидат затекнати во џамиите ширум земјава, зашто владата со заострување на мерките забрани групирање на повеќе од 2 лица надвор од домовите.

Обвинителството ја следи ситуацијата со заканите кои доаѓаат од Реџепи, велат оттаму.

Обвинителството исто ќе постапи ако за велигденските празници бидат затекнати масовни посети на црквите, зашто тоа ќе придонесе за ширење на вирусот КОВИД-19, од кој се зафатени граѓани од целата држава.

Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија предвидено и казниво според член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) Сулејман Реџепи во телевизиски настап го предупреди вицепремиерот Бујар Османи и Владата дека ако ИВЗ не добие помош од државата, тие ќе го повлечат повикот за заштита од пандемијата на коронавирус.

„Ќе ги потсетам со уште едно барање, бидејќи ако не дај боже ние ја повлечеме нашата одлука, нема сила што ќе може да се бори со епидемијата, ви гарантирам“, кажа Реџепи.

Реџепи вели дека државата досега не обезбедила никаква финансиска помош за религиозните заедници, иако, како што кажа тој, и тие се погодени од пандемијата на коронавирус.

Пред три недели, ИВЗ донесе одлука да не се одржуваат молитви во џамиите, а Реџепи ги повика верниците петочната молитва да се одржува дома.