Повторно условена препорака за Македонија од Брисел

0
901

Со 42 гласа „за“ и девет „против“, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) вечерва во Брисел ја усвои Резолуцијата за Македонија.

На предлог на известувачот Иво Вајгл, Резолуцијата содржи условена препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.

Условената препорака зависи од завршувањето на политичката криза со успешно организирани избори на 5 јуни.

Оваа Резолуција се однесува на извештајот за напредокот на Македонија, што пред крајот на минатата година го поднесе Европската комисија.

За Резолуцијата што денеска ја гласаше Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, идната среда во Стразбур ќе гласа и целиот состав на Европскиот парламент на пленарна седница.

Првично, гласањето за Резолуцијата за Македонија беше закажано на 23 февруари, но поради преговорите и новиот датум за предвремените парламентарни избори, гласањето беше одложено.