ПОВЕЌЕ ОД 13 ГОДИНИ НЕМА НОВИ ЛЕКОВИ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА

0
517

Нови лекови нема цела деценија, а пациентите  мора да платат огромни суми на пари за да ја набават неопходната терапија. Повеќе од 13 години не е променета позитивната листа на лекови, а во неа се наоѓаат застарени лекови кои веќе се исфрлени од употреба во другите земји и повеќе никој не ги користи. Нови лекови нема цела деценија, а пациентите  мора да платат огромни суми на пари за да ја набават неопходната терапија. Луѓе мора да продаваат куќе и станови, да земаат кредити за да можат да си ја купат неопходната терапија. Колку им се потребни лековите, од кои животот им зависи пред еден месец покажаат и болните од цистична фиброза, кои на протестот пред министерството за здравство со солзи во очите ги раскажаа своите трагични судбини.

„Немаме време за чекање“. Секоја помината секунда без лек, може да значи загубен живот“, тврдеа дел од пациентите на протестот. Според нашите информации, дури 14 комисии под капа на министерството за здравство формирани уште во времето кога министер за здравство беше Никола Тодоров веќе десет години „носат“ одлуки кои лекови треба да се најдат на оваа листа, но досега не сработиле ништо, поточно не ставиле ниту еден нов лек,  кој би им помогнал на пациентите. Дел од нив плаќаат од 500 до 1.500 евра за да набават лек, кој во Македонија никако да се најде на оваа листа на лекови, а кои се неопходни за нечиј живот. „Не знам што да кажам. Многу лекови кои години наназад наоѓаат примена во соседните земји, кај нас не можат да се најдат на рецепт, туку си ги купуваме со наши пари. Ем терапијата ни е неопходна, ем потребни се куп пари затоа што станува збор за скапи лекови.

Има лекови кои можат да се купат, но има и доста скапи за кои не може секој да си дозволи секој месец толку голема сума. Редно време е тоа да се промени“, реагира 56-годишен пациент, кој веќе подолг период набавува лекови од странство. Поранешниот министер за здравство Венко Филипче уште пред три години тврдеше дека ќе ги укине сите 14 комисии и ќе формира една комисија за позитивна листа, но до завршувањето на неговиот мандат тоа не се случи. Екс министерот во 2019 година излезе со изјава во Владата дека со заштедата од намалување на цените на околу 550 лекови (генерички и иновативни) ќе обезбедат буџет со кој понатаму ќе ја прошират позитивната листа на лекови. Сепак, до тоа не дојде, ниту комисиите се сменети, а ниту пак има ставено нови лекови на позитивната листа.

„Фокус“ на оваа тема разговараше со актуелниот министер за здравство Беким Сали, кој во изјава потврди дека донел одлука да се формира само една комисија и дека е донесен нов Правилник „Итно мора да се најдат квалитетни луѓе и да се формира нова комисија. Многу лекови треба да се променат и да бидат ставени на позитивната листа. Донесовме нов Правилник, ама за се треба време во државата за да профункционира“, вели Сали во изјава за „Фокус. Претходните министри во неколку наврати ветуваа дека е планирано најмалку еднаш годишно да се проширува позитивната листа со нови генерации на лекови. Досега, тоа останаа само празни ветувања.