ПОВЕЛЕТЕ, КАЖЕТЕ ГИ ОВИЕ ЛАГИ НАДВОР ОД ГОВОРНИЦАТА, ПА ДА СЕ ВИДИМЕ НА СУД! КОВАЧЕВСКИ ВОЗВРАТИ НА ПОВТОРНИОТ АТАК ОД ПРАТЕНИК НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА НЕГОВИОТ УДЕЛ ВО ,,ПИКСЕЛ ГРУП”

0
690

123 избрани и именувани функционери кријат 30 милиони евра вреден имот. Со месеци и со години не пријавуваат, а Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не покренува постапки. Што се крие во аферата „Тајни имоти“? Овде постои основано сомневање за системско криење на имот.

Ова прашање од собраниската говорница го постави пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој на одговорност го повика и премиерот Димитар Ковачевски, обвинувајќи го дека можеби и самиот крие имот стекнат од аферата „Броило“.

Одговарајќи на пратеничкото прашање, премиерот Ковачевски повика прво секој да исчисти во сопствениот двор и потсети на аферата „Талир 2“.

– Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот. Со судската пресуда „Талир 2“ е докажано дека дворецот кој што вреди 7 милиони евра е стекнат незаконски со пари украдени од граѓаните. Деталниот урбанистички план за таа зграда три пати е менуван за да може партијата да добие 12.000 квадрати за седиштето – рече Ковачевски.

Во врска со прашањето на Петрушевски, премиерот одговори дека секој функционер, без оглед на која партија доаѓа, има должност да достави анкетен лист до ДКСК за својот имот, согласно Законот за спречување на корупцијата.

– Сите кои тоа не го сториле во законски рок треба да бидат санкционирани согласно со закон и за тоа никој не добил заштита ни од мене ни од било кој член на Владата – нагласи Ковачевски.

Во врска со делот од прашањето кој се однесува на неговиот личен имот, Ковачевски одговори дека се што поседува го стекнал низ 22-годишната кариера во приватниот сектор. Сето тоа е пријавено во ДКСК, како и секоја промена.

– Вие се повикувате на афера која ја фабрикувавте без никаква основа. За тоа се води правна постапка, а јас доставив барање до ДКСК сето тоа да се провери – нагласи Ковачевски.

Петрушевски го праша премиерот зошто не каже јавно дека уделот во „Пиксел груп“ му го отстапил на својот кум без надомест, за да избегне данок и потоа да си го врати уделот назад. На одговорот на Ковачевски, дека при отстапувањето на уделот во компанијата „Пиксел груп“ тој од неа повлекол ликвидни средства, Петрушевски го обвини дека лаже. Но, Ковачевски енергично возврати:

– Повелете, кажете го ова надвор од судница, за потоа да го докажете на суд!

Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциската комисија нагласи дека проверката на податоците во анкетните листови на повеќе од 5.000 избрани и именувани лица се врши „рачно“, а ДКСК до крајот на годината би требало да добие софтвер за автоматска проверка.

– Лани во акција на ДКСК откривме 710 избрани и именувани лица кои не поднеле анкетни листови и против сите се поведени прекршочни постапки. Инаку, не постои автоматска проверка, туку според годишен план, врз основа на наша проверка на ризиците. Годинава се проверуваат податоците на 54 лица. Но, ги повикувам сите што имаат информации за непочитување на законот, да ги достават до нас – рече Ивановска.