Пирани и тирани

0
1055

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Кокаланов за Призма:

Ме буди синоќа Перо во ниедно време за да ми раскажел нов виц што деновиве се вртел кај нив во партија.

– Се враќа – ми вели – сопруг дома од службен пат и гледа силуета на маж под чаршафот во брачниот кревет.

– Овде во креветов има тело – ѝ вели бесно мажот на жената.

– Какво тело? А, ова под чаршафот? Не се секирај, злато, ова е ад хок тело, ќе си оди по изборите.

Киселото, извештачено смеење што го чу Перо вмровецот во слушалката доаѓаше од мене. Во два по полноќ некако најтешко ми паѓаат политички некоректни шеги на сметка на ад хок телото, зашто кога сум во прв сон, телото е секогаш комплетирано и си ги извршува своите законски предвидени обврски. Но, кој да се расправа со Перо во тие ситни саати дека во нормалниот свет исмевањето со нечие тело, таканараченото body shaming е веома врло некултурна работа.

Со Перо имаме извесни политички несогласувања, кои не се мали, за волја на вистината знаеле да ескалираат и во повеќемесечни внатрекафеански политички кризи, но во моментов делиме една заедничка цел – избори на 11 декември. И сега кога и јас и тој имаме непречен поглед кон нашата цел, кога нацијата како утринско сонце ја огреа веста дека конечно може да се оствари вековниот сон на секој Македонец за комплетирано ад хок тело и нови парламентарни избори, се појавија тие – пираните во Дојранското Езеро.

Таква е проклетата судбината на македонскиот народ. Да не можеш да се израдуваш ко човек. Не дека ова со изборите е готова работа за да се радуваме предвреме; искрено, не би ставил рака во Дојранско Езеро дека сигурно ќе ги има на 11 декември, но не мораше баш сега во овие критични моменти за иднината на земјата да нѐ пресече ова со пираните.

– Што да ве послужиме за ручек? Имаме шарска плескавица, охридска пастрмка или дојранска пирана? – ќе му ги оттргне газдата на кафеаната мислите од изборни теми на гостинот.

– А таа пираната, тазе ви е?

– Сабајле ја донесоа од Дојран. Капиталец.

– А ад хок е фатена? Да не е товена во аквариум на Институтот отворено општество?

– Види, езерска е – му се доверува газдата – само да знаеш не е оригинал пирана, некој подвид од фамилијата, прв братучед на таа познатата, плус – му се приближува и му шепоти во доверба – меѓу нас, не е баш нај нај со забите… горната шестка ѝ е пломбирана и има кариес на осумката долу.

– Дај ми шарска тогаш.

Ете ти, и со пираниве ист к’смет, ќе си помисли гостинот, таман ќе помислиш дека во државава е уловен прав капиталец, а тоа да ти бил првиот братучед.

Целата колумна на Призма на следниот линк ОВДЕ.