ПЕТ ДЕЦА ЖИВЕАТ КАКО КУЧИЊА НА ОТВОРЕНО, ИЗМРЗНАТИ И ГЛАДНИ – ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА САШКО МИТОВСКИ НЕ ПОСЕТИ, А НАШИОТ МАКСИМ НЕ СМЕ ГО ВИДЕЛЕ ОД ПРЕД ИЗБОРИ, ВЕЛАТ ЛАЗАРОВСКИ

0
576

Приказната за семејството Лазаровски од Градиште, Општина Куманово, изминатиот период повторно ги покрена прашањата колку ефикасно работат Центрите за социјални работи во земјава, и како може во 21-от век да се дозволи мали деца да немаат основни услови за живот, да живеат гладни и заборавени од сите институции.

Станува збор за семејство со пет малолетни деца, сместено во куќарка која е пред распаѓање и во која не може да се живее достоинствено. Поголемиот дел од времето гладни, препуштени сами на себе, овие луѓе во потрага по подобар живот за своите деца јавно ја споделија својата мака. Да им се обезбеди кров над глава, односно да им биде доделен социјален стан, е она во кое Лазаревски го гледаат излезот. Во пресрет на зимата, со пет деца, од кои најмалото има сериозни здравствени проблеми, тие се уште чекаат реакција од институциите.

-Ниту од една институција не дојдоа да не посетат, дури и откако јавно се објави нашата приказна. Ниту од Општина Куманово, ниту од Центар за социјална работа. Нема никој! Нашиот градоначалник Максим Димитриевски го видовме кога беше време за избори, бараше гласови од народот, ветуваше добар живот за сите. Гласав за него, а после изборите ниту дошол, ниту прашал како живееме. Не изненади градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој дојде и ни донесе помош. Видел во медиумите што ни се случува, не можел, а да не реагира. Благодарни сме му, но и нашиот градоначалник треба да дојде, да види што се случува со овие деца, како тие живеат, во какви услови. Сепак, ние сме жители на Општина Куманово, а не на Крива Паланка – во телефонски разговор за ,,Фокус” вели Добре Лазаровски. Појаснува дека поднеле барање за социјален стан, вели дека е благодарен на сите хумани луѓе кои реагирале по објавата на приказната за нив, но не ја крие разочараноста од институциите.

-Заборавени сме од државата. Немаме вода, немаме никакви услови. Не знам како ќе биде во зима, за децата сме загрижени. Ни треба топол дом, кров над глава. Надвор веќе е ладно, ако имаше интерес од институциите, требаше да се реагира поодамна, да не се дозволи до овој степен да дојдеме. Убаво е тоа што хумани граѓани ни помогнаа, се јавија, донираа нешто од храна и облека. И Црвениот Крст ни донесе нешто, ама тоа не е трајно решение. Не може да чекаме милост од граѓаните, секој си има свои потреби и проблеми, тука се бара реакција од институциите- изјави Лазаровски.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Центарот за социјални работи од Куманово, со цел да се информираме дали тамошните службеници се запознати со состојбата на ова семејство, дали евентуално ги посетуваат и имаат ли било каква стратегија со која ќе се олесни животот на овие луѓе. На телефонските броеви наведени на официјалната страница на центарот, како и на телефонските броеви објавени на страницата на Министерството за труд и социјална политика, за контакт со центарот во Куманово, никој не одговори и покрај тоа што се јавивме десеттина пати, во тек на работно време. Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски пак, ни одговори дека е на состанок, и вети дека подоцна ќе не побара. До објавата на веста, тој не се јави.