ПЕТРОВ ВО ,,САМО ВИСТИНА” : ВЛАДАТА ПРЕДВОДЕНА ОД КОВАЧЕВСКИ ЈА ПОКАЧИ МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НА 18.000 ДЕНАРИ И ЈА РЕШИ КРИЗАТА СО ПАРНО ВО СКОПЈЕ

0
1020

Членот на ИО на СДСМ Андреј Петров, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека воопшто не е точна тезата дека премиерот Димитар Ковачевски нема политички легитимитет, во парламентарна демократија не се гласа за премиер, се гласа за пратеници, за политичка опција, а владата според уставот има мандат од 4 години.

Ковачевски беше дел од владата како заменик министер за финансии во еден добар период и го има целото искуство во функционирање на владата, нагласи Петров, додавајќи дека на другата страна има градоначалник на Скопје, кој никогаш не се бавел со политика, повеќе е на политички дебати отколку да се слика со багери и да асфалтира улици и се труди да се впушти во врвните политички текови на државата.

Оваа влада за три недели ефикасно го реши проблемот со парното греење во Скопје, невидената енергетска криза, тргнувањето на децата во училиште во услови на пандемија, ја зголеми минималната плата на 18.000 денари. Ако таков е стартот добар ќе биде и крајот, нагласи Петров.

Во врска со прашањето за спорот со Бугарија, Петров истакна дека треба да се даде можност на проактивниот став на премиерите Ковачевски и Петков, кои се луѓе на новото време, кои гледаат напред, кои ќе најдат начин да ги коригираат сите оние мини на минското поле кое им беше поставено кога дојдоа на функција, и иако многумина очекуваа дека ќе експлодираат, работите се придвижија, работите може да се туркаат кон успех.

Владата и премиерот Ковачевски му понудија на главниот опонент, на Мицкоски да делегира по еден претставник во секоја од тие комисии. Да биде внатре и човек од опозицијата за да може да каже што се неговите ставови по тоа прашање и конкретно да помогне во процесот, рече Петров, но тие не прифатија.

Тој нагласи дека е добро во разговорите со Бугарија да биде и опозицијата и заедно да се туркаат преговорите со нашиот сосед со кој мора да се преговара, најлесниот пат е да речеме дека веќе не преговараме и дека тоа не не интересира.

Најтешкиот пат е да се соочите со проблемот, да го решавате, ние сме македонци, горди македонци имаме обврска спрема оваа генерација што живее тука, но и спрема идните генерации да направиме нешто. Зборуваме македонски јазик, зборуваме јазик кој се зборува во преку 100 држави, во нивните факултети и нешто што е општо прифатено и во ОН и секаде во светот. Тоа е нешто што немаме потреба да го докажуваме, ние немаме потреба да бидеме луѓе кои имаат цело време потреба од некој комплекс на помала вредност да се докажуваат пред другите. Да, ние сме Македонци, кој сака тоа да го прифати нека го прифати, кој не сака да го прифати ќе мора со тоа да живее, зошто тоа е факт, потенцираше Петров.

Тој нагласи дека кога на државата и е тешко треба да се решаваат тешките прашања а не да се бега прекутрупа и да се глуми со поставување споменици од античко време на плоштад, а државата да се сринка на дното во Европа, да биде за потсмев во светот, да ги блокира интеграциите.

Единствениот начин на гарант на територијалниот  интегритетот на нашата држава која е мала  по воена сила, по економска моќ , мултиетничка, комплексна, соочена со сите тие проблеми со соседите, со сите тие национализми и антагонизми што сакаат да го асимилираат овој помал народ е стратешкото партнерство со САД и членството во НАТО. Тоа е бетонирање на македонската независност, тоа е круцијалниот чин на одржување на Македонија и на самобитноста на македонскиот народ. Државата мора да продолжи напред, грижејќи се за интегритетот на народот, за националните интереси,  да го покани ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи да помогне да се постигне што е можно подобро решение, да се изгради национално единство, а да не се прави популизам, порача членот на ИО на СДСМ Андреј Петров, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.