ПЕТРОВСКА : РЕАЛИЗИРАВМЕ ПРОЕКТИ СО КОИ СЕ ГОРДЕЕМЕ ИАКО НАСЛЕДИВМЕ ДОЛГ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА

0
711
После 4 години им гледам на Битолчани во очи, бидејќи работевме чесно, домаќински  и одговорно, и имаме со што да се пофалиме и со што да се гордееме, истакна градоначалничката на Битола Наташа Петровска на граѓанската трибина на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“ во Битола.
Таа нагласи дека општината пред четири години ја наследила со долг од 12 милиони евра од кои, 4,3 милиони за образовните институции, но и покрај тоа од самиот почеток не само што исплаќавме, туку и градевме, наведувајќи ја завршената изградба и реконструкција на десетици улици во Битола, меѓу кои и обиколницата, 15 улици во Касарната и 14 улици во Долно Оризари.
Колку и да се обидуваат да го занемарат ова не можат, рече Петровска, и нагласи дека со 600.000 евра се поддржани спортистите и значителни се инвестициите во спортската инфраструктура.
Меѓу капиталните проекти, градоначалничката на Битола ја издвои реконструкцијата на Офицерскиот дом, како гордост на градот, како и киното Манаки.
Општина Битола, како единствена општина во државата во време на пандемија издвои 100.000 евра за здравствените институции, истакна Петровска.
Пари има за сите инфраструктурни проекти, бидејќи тие не завршуваат на приватни сметки, а Битола е на врвот меѓу најтранспарентните институции во државата и така ќе продолжиме, порача градоначалничката на Битола Наташа Петровска на граѓанската трибина на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“.