ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ ОД АЕРОДРОМ : НАЈДОБРОТО ЗА СКОПЈЕ И АЕРОДРОМ ПРОДОЛЖУВА СО СМАРТ СИТИ СКОПЈЕ И ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА МЛАДИТЕ

0
646
За разлика од порано кога ВМРО-ДПМНЕ за Скопје 2014 инвестираше 700 милиони евра во стиропор, камен и бронза, во само 1 километар квадратен во центарот на градот, на Аеродром во овие 4 години му посветивме посебно внимание, истакна вечерва на Караванот “Најдоброто за мојата општина“ во Аеродром кандидатот на СДСМ и на Коалицијата за градоначалник на Скопје Петре Шилегов.
Тој најави дека за еден месец ќе биде отворен мостот на булеварот АСНОМ, кој беше само ветување од претходните градоначалници, а со неговото поврзување низ Керамидница, со булеварот Гоце Делчев, се отвора нов коридор за 80.000 луѓе заборавени овде во минатото.
Некогашната улица АСНОМ денес е ултра модерен булевар со велосипедски и пешачки патеки, ЛЕД осветлување, странично и средишно зеленило, ја решивме наследената перална на сред булеварот Трета македонска бригада, изградбата на новата улица Есенинова, која го поврзува   Аеродром со Кисела Вода е при крај и со неа конечно го решаваме хаосот кај Тутунски, истакна Шилегов.
Разликата е очигледна. Ние работиме одговорно, сериозно, со добро организирани планови, организирана работа, сега се знае дека булевар во Скопје може да се реконструира за 30 дена булевар во Скопје може да се изгради за 7 месеци и како што доликува на еден модерен град, во Скопје се работи навечер, порача Шилегов, осврнувајќи се на низа сработени проекти во изминатите 4 години.
Не застануваме тука. Аеродром заслужува уште повеќе, Аеродром заслужува уште подобро, истакна Шилегов, и најави дека Аеродром конечно ќе ја добие и ветената Гимназија.
Шилегов истакна дека граѓаните се важни, и токму затоа започнува проектот Скопје Смарт сити со целосна дигитализација на услугите, преку кој  граѓаните директно и сами одлучуваат каде и како се вложуваат нивните пари.
Преку истиот проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари, со што Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија. Овие пари кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи, најави Шилегов.
Тој го презентираше планот за финансиска поддршка за младите со кој се мотивираат младите да не се селат во странство и да останат да живеат во Скопје.
Со овој план го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок, сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк, како и финансиска поддршка на паровите, во процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување за остварување на желбата за потомство, нагласи Шилегов.
Тој најави бесплатен превоз за сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје, 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, бесплатно овошје за секој средношколец.
Ние работиме за граѓаните, а вие сте моќта на овие избори, вие сте гаранција за победа што значи континуитет и грижа за секој човек, за секое семејство, затоа на 17 октомври да го заокружиме бројот 12 за победа во прв круг, за најдоброто за Скопје, порача  градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.