Петар Гошев: Услови за фер избори нема!

0
1573

Компромитираниот комесар за европски соседски политики и преговори за проширување на ЕУ (самокомпромитиран за учество во решавањето на кризата во Македонија) пред неколку дена повторно се огласи со изјава со која се чини продолжува да одработува „нешто“ за злосторничката власт во Македонија. Верувал дека може да се средат прашањата во врска со избирачкиот список и затоа изборите на 5 јуни може да се одржат.

Кризата, демек, можела да се реши само преку избори. Господинот Питер Ван Хојте, пак, изјави дека работите се многу подлабоки и дека кризата не може да се реши со избори – не без претходно отстранување на основните причини поради кои таа настанала. Првиот, неискрен, недоволно професионален и недоволно добронамерен. Вториот, сурово искрен, чесен професионалец и крајно добронамерен. За среќа, од поодамна ништо во врска со кризата во Македонија не зависи од комесарот Хан. Социјал- демократскиот сојуз, пак, дава „дво-делни“ изјави: во првиод дел ни кажува дека е подготвен да оди на избори на 5 јуни, во вториот дел дека изборите мора да бидат фер и демократски. СДСМ е исплашен од етикетата што му ја лепат апашите во секое соопштение дека наводно „се плаши“ од избори и затоа бега од нив, па токму поради тоа ги дава овие „дво-делни“ изјави.

Инаку, јасно му е не само нему, туку на сите во и надвор од Македонија, дека не постојат услови за фер и демократски избори. Има уште два до три дена до најавеното распуштање на Парламентот – датум кој повторно беше огласен без јасен консензус после окончувањето на драмата поврзана со првично најавените избори за 24 април. Јас немам информации дали господинот Бејли и амбасадорите на ЕУ работат на повторно одложување на изборите. Имајќи ја вкупната ситуација, логично би било не само да работат на тоа, туку повторно тоа да го одработат.

Спротивното би значело прифаќање ризик по избрзаните избори Македонија да влезе во уште позаплеткана криза и Апашот да им ги згази под нозе сите досегашни напори; да згази врз нивниот кредибилитет и врз огромно потрошените ресурси од сите видови во процесот на помагање Македонија да излезе од кризата, како и да се пропушти можноста повторно да се забрза интеграцијата на Макеонија кон нивното јато. Сакам уште еднаш да кажам (кажано многупати и од многу други) дека избори не смее да има ако на нив учествуваат бандити од вакви димензии. Опозицицијата не смее да легитимира такви злосторници, натпреварувајќи се со нив во услови во кои тие и натаму ги контролираат сите клучни државни институции.

Државата продолжува да биде во нивно заложништво. Гледаме дека: се бараат милиони компромиси да се протуркаат недоволно прочистени избирачки списоци, дека бедемот на мафијашкото судство не е пробиен и дека Специјалното обвинителство не е довона институција само со него тоа да се стори. Гледаме дека прашањето за пообјективно информирање на јавноста и натаму е целосно отворено и дека евентуалното поминување на Законот за медиумите во Парламентот не смее да биде јадица за симнување на тоа прашање од списокот услови за фер и демокраски избори. Гледаме дека политичката корупција со користење државни ресурси продолжува со несмален интензитет, итн.

Затоа, СДСМ не треба да се плаши од етикетата „се плашат од пораз – затоа не сакаат да одат на избори“. Впрочем, таа етикета веќе е доволно изветвена, раскринкана од се побројните и побескрупулозни криминали кои секојдневно ја удираат јавноста по глава. СДСМ и другите опозициони партии уште еднаш мора јасно да кажат и пред домашната и пред меѓународната заедница: нема избори додека злосторниците не бидат изведени пред вистинскиот суд на правдата и додека не се исполнат сите битни услови за фер и демократски избори.

Позицијата на опозиццијата е зајакната. Без неа нема легитимни избори. Без нејзино учество нема формирање на легитимна власт во Македонија. Но со неа, како учесник во сé уште неподготвени услови за фер и демократски избори, не сакајќи, добиваме можен соочесник во продолжувањето на агонијата на земјата. Ако досега издржа, нема причини за непотребно брзање. Брзите и „какви – такви“ избори му се потребни само на Груевски. Да не му го скратуваме „задоволството“ од неизвесноста за тоа како ќе се расплете драмата којашто ѝ ја приреди на Македонија. Неговото и „задоволството“ на целата банда неранимајковци. Сигурен сум дека така е подобро за Македонија.

Петар Гошев