ПЕТАР АРСОВСКИ: На Заев му се случува хистерија на јавноста која 10 години била терана да молчи!

0
1786

Во последниот период сме сведоци на се погласни критики за СДСМ и Заев. Дури и оние кои до пред само некој месец упорно го бранеа “ликот и делото” на Заев, сега му упатуваат остри, јавни, и директни критики. Бранот незадоволство како да ја стигна новата власт, и тоа со еден необичен и истакнат “критички” ентузијазам. Се прашувам како за само неколку месеци, јавноста, која беше толку посветена на политички промени, успеа да стане толку разочарана, кои се факторите кои придонесоа за вака брз пресврт, и на крајот, каде оди ваквиот нов дискурс кон власта?

Кога анализираме како одеднаш се појави нов бран критики кон новата власт, треба да земеме предвид неколку фактори кои имаат влијание на овој феномен. Прво, Заев објективно се соочува со потешки и покомплицирани проекти од неговите претходници. Ако претходната власт беше задоволна со општиот статус кво, и без амбиции за било какви освен козметички проекти, наменети кон чист популизам, цената за толку долгото избегнување на предизвиците сега ја плаќа новата власт. Огромниот долг, дупката во пензискиот систем, даночните реформи, нефункционалната демократија, да не зборуваме за проблемот со името, се секако покомплицирани проекти и задачи во објективна смисла. Значи, наследи реално полоша состојба и неговите задачи се помалку популарни.

Второ, новата власт се соочува со понеповолен општ амбиент, од двете страни: јавноста е покритичка и останува во висок степен на мобилизација, а ним не им се на располагање претходните методи за амортизација. Најнапред, критиката со која се соочува Заев е резултат на новонајдената слобода на критичката мисла, која функционира во моментов на ниво на перманентна хистерија. Оваа хистерија беше составен дел на општата стратегија за промена на “режимот”, но нивото на мобилизација остана, па сега и новата власт се соочува со високо електризирани критичари, на кои ниту нешто им “промакнува”, ниту за нешто премолчуваат. Тоа е јавноста која СДСМ ја создаде за да го бутне Груевски, со која сега треба да се справува. Понатаму, механизмите кои на ВМРО ДПМНЕ му стоеја на располагање, СДСМ ги нема, нема владини реклами, нема должничко доверителски односи со уредниците и газдите на медиумите, нема многу простор за нарачани уредувачки политики. Значи, критиките ќе продолжат, а разочараните само ќе се множат.

Трето, Заев се соочува со лошо менаџирање на очекувањата, и тоа после промената на власта, што е поголем проблем. Релативно лесно е да се разбере зошто СДСМ во текот на кампањата за промени, ветуваше “брда и долини”, на некој начин, тоа е разбирлива инфлација на очекувањата неопходна во општиот проект за победа. Но, откако дојде на власт, не спроведе никаква кампања ниту стратегија за амортизација на “набилданите” очекувања кои ги произведуваа претходно, што е необјасниво. Оттаму, не треба да не изненадува кога јавноста брзо се разочарува, зашто ако се навратиме на предизборните саундбајти, досега веќе требаше да сме во НАТО, да преговараме со ЕУ, платите и економијата да се вивнати, а државата средена по “скандинавски”. Е па дечки, кога сфативте дека нема баш така лесно да оди, да ни кажевте и нас?

Четврто, објективниот недостаток на капацитет за “пресинг” на сите полиња, прави новата власт да мора да приоритизира. Логично, тие се ставија на карта на меѓународната политика како најсилен game changer. Но, таквиот гамбит носи и ризик, односно ставањето се на карта на пробив со проблемот со името носи опасност за уште посилно јавно разочарување и критика доколку власта не успее да испорача во текот на оваа година, за што постои реална можност. Таквиот all in пристап е секако проблематичен, особено кога исходот е неизвесен.

Петто, Заев се соочува со многу комплициран политички амбиент. Мнозинството му е тесно, политичкиот дијалог заглавен, амбициите кај сопствените поддржувачи со галопирачка инфлација, а коалиционите партнери оддаваат впечаток дека немаат трошка разбирање за деликатноста на ситуацијата, си тераат сопствена агенда и самопромоција. Додека официјалната меѓународна политика “трња јаде” за филигрански да се обиде да ги надмине пречките пред нас, што е навигација низ реално минско поле, ДУИ “цепа” популистичка кампања за сопствените гласачи тресејќи изјави “од рака”.

На крајот, проблемите на СДСМ не се само објективни. Грешките во чекори, кои новата власт ги прави во континуитет, само придонесуваат кон побрзо разочарување на јавноста во нивната приказна. Само како за пример, на неколкуте последни проекти, како обидите за корекција на персоналниот данок, на воведување ДДВ за физички лица, старо-новиот совет за правосудство, новите пиарчиња прават суштински стратешки грешки, како по шаблон: ќе најават помпезно реформа, откако нема правилно да ја комуницираат, јавноста ќе се мобилизира против промените, и тие, под тој притисок, јавно ќе се повлечат. Ваквата поразителна тактика прави ефект на т.н. “дупло голо”, односно, штетата во јавното мислење да ја претрпат, а притоа реформата пак да не ја спроведат. Ако така продолжат, јавното незадоволство ќе им експлодира во лице, зашто ќе го потрошат стариот политички капитал на проекти од кои ќе се повлечат, кои потоа ќе ги остават без простор да создадат нов политички капитал, и така во маѓепсана надолна спирала.

Новата власт нема уште многу време за корекција на сопствениот приод и стратегија за менаџирање на својата позиција. Обично, фазите на пресврт од љубов кон омраза одат на следниот начин: (1) сите се симпатични и добри; (2) лидерот е добар и симпатичен, но овие околу него не ги бива; (3) сите се лоши, вклучително лидерот. Заев е во втората фаза, и тоа за неполна година од преземањето на власта. На Груевски му требаа 10 години да дојде во таа фаза. Остатокот од математиката ви ја оставам вам.

Пишува: Петар Арсовски за Независен