ПЕНДАРОВСКИ : САМИ СЕБЕ ЌЕ СЕ БЛОКИРАМЕ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, АКО НЕ ГИ ДОНЕСЕМЕ ИЗМЕНИТЕ НА УСТАВОТ

0
428

Ставот на опозицијата за уставните измени значи дека ние сами себе ќе се блокираме на први декември за евроинтеграциите, а тоа е причина за загриженост кај нашиот стратешки партнер САД, вели претседателот Стево Пендаровски.На денешната прес – конференција во Вила Водно на новинарско прашање дали на средбата минатата недела со сенаторот Крис Марфи, му било кажано дека НАТО ќе биде загрижен и земјите членки ќе бидат загрижени доколку не се донесат уставните измени, Пендаровски посочи дека прашањето воопшто не било спомнато на нивната средба, која била во девет часот сабајлето, и била прва од серијата средби кои Марфи ги имаше во земјава.

„Мојата претпоставка е дека сенаторот Марфи знаеше со кого разговара од другата страна, го знае мојот став, го знае ставот на Владата дека ние немаме проблем со тој тип на уставни измени. Јас го тврдам тоа многупати, го повторувам и денеска дека внесот и на други делови на народи кои живеат тука нема да ја загрози безбедноста на Македонија, ниту нејзината иднина, спротивното може да биде точно. Како што не ја загрозија стабилноста и иднината на Македонија наназад дваесет и кусур години овие седум народи односно делови од народи кои се веќе дел од преамбулата и од нормативниот дел.

Можам само да нагаѓам, меѓутоа претпоставувам дека сенаторот Марфи мислел на луѓето од опозицијата со кои исто така имаше средба, а нивниот став е познат. Под ниедни околности овој временски период барем додека не заврши мандатот на овој пратенички состав, тие не сакаат воопшто да размислуваат за уставни промени. Тоа значи само едно, дека на први декември самите себе ќе се блокираме, и тоа секако е причина за загриженост на нашиот најголем стратешки партнер со кој од 2008-ма имаме договор за стратешко партнерство“, рече претседателот Пендаровски.