Пендаровски од Прилеп: Груевски нема да се врати на власт, туку во Идризово

0
996

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, од Прилеп испратија пораки дека е неопходно вториот круг од претседателските избори да биде успешен за земјата да продолжи да се движи напред, економски да се развива, да има правда и перспективи за младите дома. И двајцата повикаа на масовен одѕив.

Претседателскиот кандидат Пендаровски посочи три клучни причини зошто граѓаните треба да излезат на гласање.

„Само овој концепт ја води државата во НАТО и во ЕУ. Сите политичари до сега го сакаа тоа. Но, само оваа генерација политичари почна да го остварува. А само овој концепт ја води земјава меѓу најразвиените држави во светот. Никогаш повеќе нема да се врати режимот. Нема да се врати на власт Груевски, но ќе се врати да ја издржи казната во Идризово. И, конечно, ќе добиеме претседател на државата. Сите граѓани ќе добијат претседател од кого нема да се срамат во светот“, рече претседателскиот кандидат Пендаровски.

Претседателот на СДСМ и премиер, Заев, меѓу другото, испрати порака за одговорност кај граѓаните што не излегоа на гласање, а го поддржуваат концептот „Заедно напред“ затоа што знаат дека тоа е иднината на државата.

„Па за што крвавев и вие со мене, за што покажавме храброст со храбри одлуки, да го пуштиме сето ова низ вода?! Сега работите од нас дома зависат, имаме пријатели што помагаат и ќе помагаат. Ќе има ред и поредок“, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев, посочувајки ја за најважна волјата на народот.

„Силата е во заедништвото, а единството води напред, се работи за татковината и за младите“, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев, порачувајки граѓаните да гласаат за бројот три и Стево Пендаровски на вториот круг од претседателските избори на 5 април.