Фудбалерот на Барселона Педро се наоѓа пред трансфер во Челзи, тој во текот на денот треба да ги мине медицинските тестови по што ќе го парафира договорот со англискиот првак, тврди весникот Marcа.
Педро се договорил со Челзи околу трансферот кој ќе изнесува околу 30 милиони евра. Барселона му дозволила на крилниот напаѓач да отпатува во Лондон, што значи дека трансферот е завршена работа.
Претходно, како наголем фаворит за потписот на Педро фигурираше Манчестер Јунајтед, но менаџерот на Јунајтед понудил помалку пари од Челзи, односно околу 25 милиони евра.
Педро ги има поминато сите младински категории на Барселона, а дебито за првиот тим го имаше во 2008 година. За Барселона тој има одиграно 318 натпревари, на кои постигнал 98 голови.
Со каталонскиот гигант пет пати бил шпански, а трипати европски шампион, а има освоено и четири титули во Суперкупот, три во Купот на Кралот и три на Светското првенство за клубови.
Со фудбалската репрезентација на Шпанија има светска и европска титула, а на 51 натпревар постигнал 16 голови.