ПАЧЕШКОСКИ : ПОСКАПУВААТ КОМУНАЛНИТЕ ДАВАЧКИ, ПРИЛЕПЧАНИ ПРЕД ЦЕНОВЕН ШОК

0
504

Прес конференција на Зоран Пачешкоски – Претседател на ОО СДСМ Прилеп

Почитувани,

Она коешто пред извесно време го најавивме, деновиве се обвистини: прилепските јавни претпријатија „Комуналец“, „Водовод и канализација“ и ЈП ПУП Прилеп, драстично ги зголемија цените на услугите.

Од први октомври поскапува водата за пиење, како и услугата за прочистување на отпадните води.

Од први октомври поскапува градскиот превоз, а се зголемува и цената на услугата за вршење школски превоз на учениците и наставниците.

Од први октомври, граѓаните на Прилеп ќе плаќаат повисоки цени за собирање на отпадот и за одржување на гробните места во старите и новите градски гробишта.

Почитувани сограѓани,

Градот никогаш не бил повалкан, а цените на услугите на „Комуналец“ никогаш повисоки. Својата неспособност да го менаџира ова јавно претпријатие, директорот Рубин Абрашоски ја покрива посигајќи директно во џебот на граѓаните.

За повеќе од 60 отсто поскапува цената за подигање на отпад кај домаќинствата, правните лица, училиштата, верските објекти. Тоа значи дека ако за сметките на „Комуналец“ едно семејство досега плаќало 600 денари, од следниот месец, за истите услуги ќе треба да плати 1.000 денари или и нешто повеќе.

Благодарение на ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот Борче Јовчески, и нивното недомакинско и некадарно работење, секое семејство во Прилеп ке плаќа  најмалку 12000 денари повеќе на годишно ниво за услугите на јавните претпријатија.

Многу пати досега укажувавме дека неработењето на директорите на прилепските јавни претпријатија и вработувањето на нивни блиски роднини и на партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ, ќе предизвика финансиски колапс во институциите.

На нашите апели за смена на првите луѓе на јавните претпријатија не се одзва ниту оној на чиј предлог тие се именувани – градоначалникот Борче Јовчески.

Заради тоа, но и заради неговите неисполнети изборни ветувања за намалување на цените на комуналните услуги, Јовчески е најголемиот виновник за ценовниот шок со кој од следниот месец ќе се соочат прилепчани.

Во оваа прилика, поради неодговорното и скандалозно раководење на ЈКП „Комуналец“, го повикуваме директорот Рубин Абрашоски да поднесе итна и неотповиклива оставка.

Истовремено, во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните, апелираме до членовите на Советот на општина Прилеп да покажат доблест и личен интегритет и на седницата закажана за вторник, 27 септември, да гласаат против предлогот за зголемување на цената на услугите на ЈКП „Комуналец“, но и на останатите јавни претпријатија од нашиот град.

Како одговорна опозиција на локално ниво, СДСМ ќе направи се’ што е во рамките на законот, да го заштити интересот на граѓаните и да го спречи носењето на предложените неразумни одлуки.