ОЈО ЌЕ ТРАГА ПО СОПСТВЕНИКОТ НА ОВЧАРОТ АЗИЈАТ КОЈ ВО ЦЕНТАРОТ НА КУМАНОВО ИСКАСАЛ 8 ЛУЃЕ

0
583

Куче од расата средноазиски овчар, познато и како азијат, вчера нападна и искаса осум лица во Куманово, од кои четири ученици. Сите се здобиле со лесни телесни повреди, а кучето било заловено по 15 минути од пријавата.

Веста за „Фокус” ја потврдија од СВР Куманово, откривајќи дека по заловувањето кучето било сместено во Ветеринарно-сточарскиот центар Тодор Велков.

Зоран Пешевски од ВСЦ Тодор Велков, за „Фокус” вели дека без сомнение се работи за азијат, тежок над 70 килограми, кој иако немал чип, сепак претходно имал сопственик, кој мора да се најде и да сноси одговорност за настанот.

-Азијатот е големо куче, а тоа што ушите и опашката му беа пресечени значи дека имало сопственик. Сечењето на ушите е најчесто знак дека кучето било подготвувано за борби со кучиња.
Токму поради тоа, Јавното обвинителство мора да реагира по допрен глас и да го најде неодговорниот сопственик кој го пуштил кучето!

По пријавата азијатот беше заловен за 15 минути и сега е кај нас во прифатилиштето.
Го прегледа наш ветеринар, дојде комунален инспектор, инспектор од АХВ… Чип нема.
Сега му следува изолација и посматрање за беснило во рок од 15 дена. Ако кучето се социјализира ќе биде огласено за вдомување, во спротивно ќе биде еутанизирано.
Јас лично ги сакам кучињата, но луѓето се приоритет. И за да нема вакви немили настани, мора да се пронајде сопственикот на ова куче и да биде изведен пред лицето на правдата!-вели Пешевски.

Азијати во земјава може да се најдат многу лесно. Ги има огласени за продажба на речиси секоја интернет страница за огласување. Цената им се движи од околу 150 евра, па до над 1.000 за оние со педигре.

Се работи за раса на кучиња која потекнува од Русија и првенствено се чувале како заштитници и чувари на стадата на сточарите.
Со голем раст се и многу се силни, а во Туркменистан средноазискиот овчар е национален симбол и во главниот град му е подигнат златен споменик висок шест метри.

Извор : Фокус.МК