Откако Заев стана премиер Македонија стана кодомаќин на средбата со членките на Јадранска повелба, во Подгорица пристигнува и потпретседателот на САД, Мајкл Пенс

0
1234

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс, денеска попладне ќе пристигне во Подгорица каде што утре ќе учествува на средбата на високи претставници на земјите членки и на земјите набљудувачи на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Република Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, Република Македонија заедно со Црна Гора е и кодомаќин на овој значаен настан.

Се очекува американскиот потпретседател Пенс да ја нагласи посветеноста на САД на Западниот Балкан и да го подвлече значењето на доброто владеење, политичките реформи и владеењето на правото. На самитот ќе учествуваат премиерите или претседателите на земјите членки на Повелбата и на државите со статус на набљудувачи, а Македонија ќе ја претставува премиерот Зоран Заев. Предвидено е по самитот, потпретсдеателот на САД да има билатерни средби со лидерите на земјите-учеснички на самитот.

Македонскиот премиер Заев во пресрет на самитот во Подгорица, истакна дека на средбата со потпретседателот Пенс ќе ја нагласи решеноста на новата македонска Влада за спроведување на неопходните реформи за евро-атлантска интеграција и ќе побара поддршка од САД и од другите земји членки на НАТО за прием на Македонија во Северноатлантската алијанса.

И потпретседателот на САД Пенс во телефонскиот разговор со Заев на 10 јули, искажа позитивни очекувања од средбите со лидерите на земјите од Јадранската повелба во Црна Гора и ја повтори поддршка на Вашингтон на евро-атлантските аспирации на Македонија.

Во пресрет на посетата на американскиот потпретседател Пенс на Подгорица, црногорските медиуми објавија дека во тек се сериозни подготовки, а безбедносните мерки за време на неговиот престој ќе бидат подигнати на највисоко ниво.

Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелба (Адриатик Чартер), а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.

Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО.