Осум тони тежи заштитната опрема што пристигна како донација од Катар

0
815

Повеќе од осум тони тежи заштитната опрема што пристигна денеска на Скопскиот аеродром како донација од Катар за справување на земјава со ковид-19. Донацијата ја пречекаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како национален координатор на странска помош во земјава, во присуство на Хамад  Ал – Махмоод, вршител на должност амбасадор на Државата Катар во земјава.

„Се работи за голема количество, преку осум тони заштитна опрема која се состои од: близу 500.000 хируршки маски, околу 90 илјади трослојни медицински и хируршки маски, над 70 илјади заштитни маски N95. Покрај маските, пакетот содржи и десетици илјади заштитни очила, заштитни шлемови, заштитни скафандери, заштитни ракавици“,

изјави Османи.

Тој нагласи дека се работи за опрема која сериозно ќе ги зацврсти нашите капацитети, особено во здравството и здравствениот систем, кои секако ја претставуваат првата линија на одбрана од коронавирусот.

„Обезбедувајќи ги овие донации од нашите меѓународни пријатели, обезбедуваме и сериозни заштеди во буџетот, што во време на соочување со економските предизвици од пандемијата е исто така многу важно“,

додаде Османи.

В.д. амбасадорот Хамад Ал Махмоод нагласи дека денешната хуманитарна помош е донесена преку Катарскиот фонд за развој и во насока на  поддршка на Владата на Северна Македонија во борбата против пандемијата, притоа потенцирајќи дека нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од Државата Катар и изрази надеж дека оваа глобална пандемија наскоро ќе заврши.