ОСМАНИ : НИЕ ГИ ДОБИВМЕ ТРИТЕ ВАЖНИ ПРАШАЊА ЗА НАС, А БУГАРИЈА ДОБИ УСЛОВЕНА ВТОРА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА

0
807

Имавме три важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега. Трите ги добивме. Република Бугарија доби условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени. Тоа е компромисот, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција на која го презентираше Протоколот што беше потпишан во Софија.

Рече дека со целата морална и политичка одговорност тврди дека македонскиот јазик останува чист, без фусноти и додавки.

– За билатерални односи, ние го имаме затворено прашањето со Република Бугарија. Тоа е јазичната клаузила од 1999 година и 2017 година – македонски јазик согласно Уставот, бугарски јазик согласно Уставот, затоа што тоа е решено прашање и ние никогаш во овие преговори не сме обидувале да смениме став на Република Бугарија, туку како да спречиме тој став да стане европски. И таа битка ја добивме затоа што во ЕУ сега и во иднина јазикот ќе биде чист без никакви квалификации, фусноти и додавки, нагласи Османи.Денешната изјава на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска за македонскиот јазик, Османи рече дека била во насока на тоа дека Бугарија не може да го наметне својот став на Европската Унија.

– Колку што сум јас информиран, иако бев на пат кога е дадена таа изјава, е дека изјавата била во правец дека ние не можеме да наметнеме наш став на Европската Унија. Мислам дека тоа е коректен став. Забораваме едно нешто дека во 2017-2018 година кога е потпишан Преспанскиот договор и македонскиот јазик е влезен на картата на Обединетите нации како официјален јазик на Северна Македонија, Бугарија има поднесено унилатерална нота до Обединетите нации дека за нив тоа е неприфатливо, иста таква изјава каква што ќе пушти сега до Европската Унија. Дали тоа имаше некаква импликација на статусот на македонскиот јазик во Обединетите нации?, праша Османи.

Порача дека македонскиот јазик е чист и дека историските прашања нема да бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата. Протоколот, пак, како што напомена, е на реципроцетитна основа и ќе биде објавен во текот на денот, само треба да се утврди каде ќе биде објавен.