ОСМАНИ : ГИ ОСУДУВАМ СВИРЕЖИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, ТОА ГО НАПРАВИ ЕДНА ГРУПА ТИНЕЈЏЕРИ

0
660

За време на вечерашното гостување во емисијата „Жешко политичко лето“, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека свирежите на македонскиот јазик за време на Мировниот фестивал се за осуда.

„Тоа сигурно е за осуда. Јас бев присутен на настанот и тоа го направи една група тинејџери. Според мене лично, реакцијата на поголемиот дел од присутните беше против реакцијата на тинејџерите“, објасни министерот.

Османи потенцираше дека меѓуетничките односи бараат постојано негување.

Преговорите за членство ЕУ ги почнавме од дента на одржување на првата меѓувладина конференција, но не ќе можеме да го отвориме Поглавјето 23, доколку не го промениме Уставот, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Скринингот ќе го завршиме, но Поглавјето 23 не можеме да го отвориме доколку не го смениме Уставот и тоа е компромисно решение, затоа што позицијата на Република Бугарија беше тврда до последниот момент дека нема почнување на преговори без воопшто да се направат тие уставни измени. И ние тоа не го прифативме. Ние го одбивме тоа решение кое што Бугарите го понудија – да добиеме почеток на преговори и скрининг, а во меѓувреме да се прави измена на Уставот, рече Османи при денешното гостување во емисијата „Жешко политичко лето“ на Телевизија Канал 5.

Тој потенцира дека измената на Уставот подразбира внесување на хрватската, црногорската и бугарската заедница заедно со останатите шест заедници коишто се веќе наведени во текстот на Преамбулата.