Општина Центар: Даниела Костадинова лажно се претставува и е нелегитимен директор на ООУ „11-ти Октомври“

0
1748

„Лицето Даниела Костадинова, нелегитимно претставувајќи се како директор на училиштето, со присуство на полиција, го “запоседна“ училиштето „11-ти Октомври“.

Општина Центар, како основач и надлежен субјект за ова општинско основно училиште, досега нема добиено никаков допис од Централниот регистар на Р.Македонија, дека истата е повторно поставена за директорка.

Затоа за општината, легитимен директор е назначениот В.Д. директор, Васко Лазаревски.

Општината упати известување до Министерството за внатрешни работи дека лицето Даниела Костадинова лажно се претставува, со што ги доведува во заблуда вработените и родителите на учениците. Општина Центар бара од МВР да забрани пристап на неовластени лица во основното училиште. По неколку недели нормално функционирање на училиштето, повторно се доведува во опасност сигурното згрижување на учениците“, велат од Општина Центар.

„Лицето Даниела Костадинова 8 дена по впишувањето на В.Д. директорот Васко Лазаревски во Централниот Регистар на Р.Македонија, на 27-ми октомври, поднесува жалба до надлежната комисија, која што истиот ден носи решение дека нејзината жалба се уважува и врз основа на решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, предметот го враќа на повторно одлучување и постапување кај градоначалникот на општина Центар.

Без никакво почитување на роковите и постапките, лицето кое лажно се претставува како директор на основното училиште “11-ти Октомври“, на 28-ми октомври, во 8:30 часот наутро, оди во Централен Регистар на Р. Македонија, каде што веднаш ја запишуваат како директор на училиштето и таа со документите, со незавршена постапка, во придружба на полиција, без решение од градоначалник, влегува во директорскиот кабинет во училиштето и одбива да го напушти.

Општина Центар, постапувајќи согласно законите и во интерес на учениците, откако ќе ги добие решенијата, ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на децата и почитување на позитивните правни прописи во државата, ќе поведе управна постапка против решението на Централниот Регистар и против решението на Државната комисија за одлучување по жалби.

По правосилно завршување на постапките за разрешување на лицето Даниела Костадинова и за запишување на промената во Централниот Регистар на РМ, општина Центар ќе постапи согласно правосилните решенија“, соопштуваат од Општина Центар.

Инаку Даниела Костадинова беше назначена за директор на училиштето од страна на министерот за образовани. Општина Центар го оспоруваше нејзиниот избор бидејќи од 9 членови на училишниот одбор кандидатиде добија 10 гласа.

Костадинова е активен член на ВМРО-ДПМНЕ.