Општина Куманово подели пакетчиња на децата од ранливи категории во општината

0
859

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски ја продолжи својата традиција пред Новогодишните празници да ги посети институциите кои се занимаваат со работа со деца од ранливи категории. Прва година без директна средба со децата, но честитките, пакетчињата и препораките за тоа како да се однесуваат децата и возрасните за време на празниците во овој Ковид период од име на општината ги предаде Дедо Мраз. Новогодишни пакетчиња беа однесени на децата без родители во општината, дневен центар за лица со попреченост „Порака Наша, Дневни центар за лица со посебни потреби, Детското одделение на ЈЗУ Општа болница Куманово, во Здружение за глуви и наглуви и деца Роми.

Идејата со посетата на Дедо Мраз и подароците во вид на пакетчиња ја поздравија и членовите на здруженијата, искрено и од се срце се заблагодарија што и годинава покрај кризата не ги заборави и посакаа живи и здрави да бидат сите во новата година. Директорката на ЈЗУ Општа болница Куманово, Снежана Захариева ја искажа својата благодарност што и годинава не го заборави одделот за детски болести.

– Оваа година обележавме многу нешта во поинакви услови, водејќи се според Ковид протоколите, па така и делењето на пакетчињата за пациентите е во поинакви услови. За среќа во оваа Ковид криза, најмалку пациенти имаме во одделот за детски болести, искрено се надевам дека така ќе продолжи во наредната година, дечињата најмалку да бидат засегнати од корона вирусот, изјави Захариева.

Директорката апелираше и за време на празниците да не се опуштаме и да се запазат протоколите за дистанца, носење маска и редовна дезинфекција.

Градоначалникот Максим Димитриевски нагласи дека годинава имал во план да направи голема организација и изненадувања за овие деца како и за останатите жители на општината, но за жал поради актуелната Ковид криза, организирал скромна посета и изненадување со Дедо Мраз.

Сакам да одадам признание и на здравствените работници кои што макотрпно секој ден работат со надчовечки напори за да се избориме со оваа криза,а секако духот,ведрината и смеата на младите да се врати во секој дом. Воедно апелирам до нашите сограѓани, особено до најмладите во престојните новогодишни празници да ги почитуваат мерките – изјави градоначалникот Максим Димитриевски

Дедо Мраз се прошета низ улиците низ оваа општина, внесе радост меѓу децата и возрасните, им подели подароци и едукативни флаери да се грижат за сопственото здравје и им посака Среќна нова 2021 година.