ОПШТИНА КАРПОШ ГИ ИЗВЕСТИ РОДИТЕЛИТЕ ОД ДРУГИТЕ ОПШТИНИ ДЕКА ДЕЦАТА ИМ СЕ ОТПИШАНИ ОД ГРАДИНКИТЕ НА ТЕРИТОРИЈА НА КАРПОШ

0
991

Почитувани медиуми,

Во потрага по правда за нашите деца ви се обраќаме до вас со апел за помош да преку вас ја запознаеме јавноста со срамниот чин кој Општина Карпош од Скопје се обидува да го направи.

Денес 10.05.2022 преку воспитувачките од градинките добивме известување дека сите деца чиј родители немаат адреса по лична карта од општина Карпош, ќе бидт испишани од градинката на 10.06.2022 (во прилог).

Во услови на светска криза каде секое семејство е соочено со предизвиците на инфлација, општина Карпош им врти грб на една од најранливите категории на семејства, млади родители кои во борбата за егзистенција а во отсуство на достапни места во градинките во своите општини побарале спас запишувајќи ги своите деца во дел од градинките на оваа општина.

Ние како загрижени родители повикуваме на солидарност од страна на општината која досега излегла во пресрет на многу наши сограѓани. Верувајте ние не би ги носеле нашите деца по неколку километри во градинките на општина Карпош доколку не би биле принудени од недоволниот број на слободни места во општините во кои живееме.

Воедно би сакале да испратиме апел до Владата да преку Министерството за образование реагира и најде решение за овој проблем на неколкуте стотици семејства затечени од оваа одлука.

Во услови на светска криза каде државите членки на Европската Унија преку мерки се обидуваат да им помогнат на своите граѓани, ние се соочуваме со ситуација каде поради една избрзана одлука егзистенцијата на многу семејства се става во ризик.

При носење на оваа срамна одлука избраните од народот советници забораваат кој највеќе ќе биде затечен од оваа одлука, а тоа се децата наши. Сите ние знаеме колкав предизвик е, и колку е болно едно дете да се одвои од родителот и да се навикне на нова средина како што градинката, нашите деца го поминаа тој пат за да сега бидат буквално оставени на милост и немилост на еден систем кој се надеваме ќе профункционира конечно за интересот на граѓаните.

Доколку истиот тој систем не остави на цедило, тоа ќе биде срамен чин пред се за оваа општина но и за Владата на една земја претендент да стане членка на Европска унија.

Размислете драги наши сограѓани, членови на совет на општина Карпош, каква порака испраќате до сите оние млади брачни парови кои сакаат да започнат свое семејство, нека размислат и Премиерот и Владата каква порака се праќа до младите брачни парови кои се иднината на оваа наша земја.

Ви благодариме однапред на сите кои ќе ја пренесете во јавност оваа за жал срамна ситуација.