Опозициски платеници или инфилтрирани провокатори

0
1190
Многу напади, малку информации и аргументи. Фото: колаж

 

Никој точно не знае или, барем, никој не излегол со податоци, кои се лицата што користеа насилство во текот на граѓанските протести. Но, затоа некои медиуми се преполни со обвинувања и со шпекулации, а без никакви валидни информации и аргументи

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Провладината пропаганда пишува, коментира и манипулира дека СДСМ и Сорос се виновниците за нередите и за насилствата на протестите на кои илјадници граѓани неколку дена маршираат на улиците во знак на негодување поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува од судски одлуки 56 политичари.

Со засилено темпо, по секој протест, различни портали и медиуми излегуваа со обвинувачки написи дека виновни за насилството се СДСМ и Сорос. Напишаното на овие медиуми е врз основа на непроверени шпекулации, без никакви докази и аргументи. Ваквите еднострани написи служат за манипулација на читателите, ги тера да добијат погрешен впечаток и ги одвлекува од учество на протестите.

„70-те „невладини“ приврзоци на СДСМ кои на своите протести собираат едвај по 30 луѓе се подготвуваат за спроведување на ново насилно сценарио. Во денешниот проглас на овие здруженија финансирани од Сорос и СДСМ тие повикуваат на бојкот на изборите и на протести, а како лице за контакт стои името на Марјан Забрчанец, долгогодишен платеник на Сорос и активист на опозицијата“, пишува „Курир“.

 

ПОЗНАТО ОДНЕСУВАЊЕ НА ПРОПАГАНДАТА

Изолираните насилни случувања на протестите не се од претставници на групите кои повикуваат на протест, вели Марјан Забрчанец од неформалната коалиција „Граѓаните за Македонија“. Тој вели дека иницијативите и движењата што ги организираат протестите повикуваат на ненасилни демонстрации и изблици на револт и тоа јасно може да се види во повиците на официјалните канали низ социјалните мрежи.

„Бевме сведоци на одредени изолирани насилни случувања од лица со маски на своите лица за кои не се знае кои се и која им е намерата, но со сигурност тие лица не се претставници на групите кои повикуваат на протест. Понатаму, важно е да се знае дека овие протести немаат единствен организатор, напротив, повиците за протеститрање секој ден во 6 доаѓаат од различни страни, од организирани формални и неформални групи, движења и иницијативи. Протестот на 14 април кој во име на 82 граѓански организации беше организиран пред Собранието на Република Македонија заврши веднаш по исцрпувањето на официјалниот дел и говорите, односно за шеестина минути по неговиот почеток и тоа беше јасно објавено преку разглас. Сите случувања по завршувањето на официјалниот дел од протестот беа во рамки на спонтаното однесување на различните протестни групи и толпи и никако не може да се препишат на некој организатор“, вели Забрчанец.

Граѓаните и редарите бурно реагираат кога ќе забележат лица со маски за кои постои сомнеж дека би предизвикале насилство, додава Забрчанец, а пропагандистичките написи не го изненадуваат.

„Однесувањето на пропагандата е одамна познато, за нив активистите и претставниците на граѓанските организации се хулигани и тогаш кога организираат дебати и тогаш кога ги гушкаат полицајците“, вели Забрчанец.

А, еве што пишува таа:

„Повторно се повредени неколку полицајци во судирот меѓу насилните демонстрантите на СДСМ и СОРОС со припадниците на македонската полиција. Во најавата за порадикални протести, очигледно намерата на Зоран Заев е да се лее крв по улиците. Хулиганите на СДСМ и СОРОС во иста линија со терористите од Куманово!“, пишува „Пулс 24“.

 

ХУЛИГАНИ ИЛИ ИНФИЛТРИРАНИ ПРОВОКАТОРИ?

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вели дека СДСМ не е организатор на протестите, дека само ги поддржува и дека повикува на мирни демонстрации. Оттаму целосно се оградуваат од тие што беа насилни кон полицијата и предизвикуваа инциденти.

„СДСМ повикува на масовни, но мирни протести и целосно се оградуваме од обвинувањата дека оние што беа насилни на претходните протести се платеници на СДСМ. Партијата не беше организатор на протестите, ние само ги поддржуваме, но не сме вклучени како партија. Нашето раководство и лидерот Зоран Заев, многупати јавно повикуваа на мирни протести. За добар дел од тие насилнциите имаше сомнеж дека се уфрлени провокатори. Јас не можам да знам кој е секој оној кој ќе фрли со камен, знам само дека платеници на СДСМ не се“, вели Петре Шилегов.

Шпекулациите и невистините напишани за да се манипулира јавноста и да добие погрешен впечатокот го прекршуваат член 1 од Кодексот на новинари кој вели дека доколку станува збор за претпоставка или шпекулација, тоа треба да се наведе во текстот.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).