ОО СДСМ ПРИЛЕП – КУЗМАНОВИЌ : ВЛАДАТА ГО ОДРЖА ЗБОРОТ, „ВОДОВОД“ ДА ЈА ВРАТИ ЦЕНАТА НА ВОДАТА

0
517

Прес конференција на Ивона Кузмановиќ – Член на ИО на СДСМ.

Почитувани,

Една недела после нашиот повик за одржување итна седница на Управниот одбор на „Водовод и канализација“, од јавното претпријатие – молк!

Барањето на СДСМ за враќање на цените на услугите на „Водовод и канализација“ на нивото од пред нивното покачување на 22 септември, ги натера надлежните за решавање на ова прашање да преминат во „самоизолација“.

Молчи Управниот одбор, исто како што молчат и директорот на „Водовод и канализација“, Игор Гулабоски и неговиот другар, градоначалникот Борче Јовчески.

Бадијала беше и бомбастичната најава на шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, дека штом Владата ја намали цената на струјата за јавните претпријатија за водоснабдување, прилепското комунално претпријатие веднаш ќе ја врати старата цена на водата.

Уште едно неисполнето ветување, уште една од многуте лаги на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Иако Владата ја намали цената на струјата за јавните претпријатија за водоснабдување и прочистителните станици на 95 евра за мегават – час, од враќањето на цените на „Водовод и канализација“ – абер нема.

Јовчески и Гулабоски се главните виновници што прилепчани плаќаат поскапа вода за пиење, повисок надоместок за прочистување на отпадните води, повисока цена за собирање и одведување на урбаните отпадни води и одржување на водомерите.

Почитувани,

Во насока на заштита на стандардот на граѓаните на Прилеп, упатуваме уште еден апел за одржување итна седница на Управниот одбор на „Водовод и канализација“, со цел носење одлука за намалување на цените на услугите на јавното претпријатие.

Прилепчани не смеат да бидат заложници на неспособната локална власт и на ВМРО-ДПМНЕ и од свој џеб да ги покриваат загубите во работењето на општинските комунални претпријатија.

Впрочем, најдобар доказ дека неспособноста на Јовчески и Гулабоски станува сериозен проблем за граѓаните на Прилеп, е штрајкот на вработените кој во моментов се случува во ЈКП „Водовод и канализација“.

Незнаењето да ги менаџираат процесите и да ги решаваат проблемите на граѓаните, другарчињата Јовчески и Гулабоски можат да го решат само на еден начин – со поднесување оставки од функциите кои со ништо не ги заслужиле!