Оливер Спасовски: Не сум разрешен, на работа сум

0
1212

Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски сè уште се министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и категорично негираат дека биле разрешени. Тие денеска за „Мета“ потврдија дека се на работа во ресорните министерства и велат дека таму и ќе останат сè додека Државната изборна комисија не ги објави конечните резултати од изборите.

Оливер Спасовски за „Мета“ вели дека откако ДИК ќе одлучи по приговорите и ќе ги соопшти конечните резултати, ќе заврши и неговиот мандат.

– Како може влада да нè разреши кога Собрание нè назначило? Јас сум на работа и ја извршувам министерската функција. Законот јасно кажува дека нашиот мандат престанува кога ќе бидат конечни резултатите од изборите. Кога ДИК ќе одлучи по сите 16 поднесени приговори, кога ќе заврши целата процедура, тогаш барајте нов министер – вели Спасовски.

На иста линија со Спасовски е и неговата колешка, министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, која вели дека редовно си ги извршува обврските во министерството.

– Ако досега гласот и зборот на Никола Груевски биле над законот, тогаш тоа е друг проблем. Она што го кажа партискиот лидер не се конечни резултати. За тоа треба да се произнесе ДИК која сè уште не ги кажала конечните резултати. Нашите мандати како преодна влада завршуваат во моментот кога ДИК ќе го каже финалниот збор. Јас имам полн мандат и редовно си ги извршувам обврските во министерството – вели Ременски за „Мета“.

Според Договорот од 20 јули, со објавувањето на конечните резултати од изборите од страна на Државната изборна комисија (ДИК), автоматски им завршува мандатот на министрите и на дополнителните заменици-министри во министерствата за внатрешни работи, труд и социјална политика, министерствата за земјоделство, шумарство и водостпанство и за администрација и информатичко општество.

Заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата, со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон (став 1 од членот 1 од измените на Законот за Влада, донесен на 28 јули годинава, врз основа на Договорот од Пржино и на Договорот од 20 јули.)

Функцијата министри до формирањето на новата влада, според овие измени, по заминувањето на Спасовски и на Ременски, треба да го преземат актуелните заменици-министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, Агим Нухиу, односно Ибрахим Ибрахими.

Откако ДИК официјално ќе ги објави конечните резултати, им завршува мандадот и на дополнителните заменици-министри, Оливер Андонов (МВР), Диме Спасов (труд и социјална политика), Љупчо Николовски (земјоделство), Александар Кирацовски (администрација и информатичко општество) и Кире Наумов (финансии).