ОЛИВЕР АНДОНОВ : ДОКОЛКУ МИЦКОСКИ ОСТАНЕ НА ЧЕЛО НА ВМРО-ДПМНЕ ВЛАДЕЕЊЕТО НА СДСМ ВО ИДНИНА Е ГАРАНТИРАНО

0
682

Македонија, во кратката плуралистичка и демократска историја, помина низ многу турбулентни периоди, бурни, траорни и, пред се, несреќни периоди. Промена на знаме, прва промена на име, војна, транзициски грабеж, финансиски кризи, втора промена на име, идентитетски обезличувања и многу други несреќи кои по правило завршуваа со разно-разни договори на штета на македонската нација и држава. Карактеристично за овие периоди беше што опозицијата и власта, барем јавно, имаа спротивставени мислења, впрочем како што и доликува на едно плуралистичко општество.

Денес сведоци сме на, како би рекол Тупурковски, „непринципиелна коалиција“, онаа што јас веќе три години ја посочувам како коалиција ЗММ, можеби сега кон акронимот треба да се додаде и „К“. Што се случи, зошто „змијата си ги откри нозете“? Наоѓајќи се во безизлезна состојба, безидејност, лидерска криза, бандите решија да си помогнат себеси, а и на нивните олигархиски ментори, со обид за воспоставување на „status qvo“ состојба во македонското општествено политичко милје.

Поточно за да го избегнат „дамокловиот меч“, кој виси над нивните глави, и се заканува да ги однесе на „буништето на историјата“, договорија театарска представа, прозаична политичка фарса, јавно обзнанувајќи ја „непринципиелната коалиција“, заради сопствен спас.

Така, да се изразам со фудбалски речник, се договорија „еден ќе ја нафрли топката другиот ќе даде гол“ и…сите задоволни и среќни. Плацдарм за оваа драмолетка е Македонија и енергетската криза со која се соочува, прекрасна шанса за популизам и замајување на народот. Сценариото напишано од нивните ментори, меѓународната енергетска мафија и нивниот директен експонент во Македонија, Кочо Анѓушев кој е во нераскинлива симбиоза со двајцата политички дилетанти, Мицковски и Ковачевски, решија да го одиграат, наместениот натпревар, со однапред проектирана добивка „три во едно“, а од клучен интерес на првиот акроним од коалицијата ЗММ.

Прво (од оние три во едно) е, огромен финансиски бенефит за нив и нивните ментори. Второ, задржување на политички „status qvo“ во Македонија. И трето, секако најважно, попречување на македонските евроинтегративни процеси.

Токму закочување на евроатлантските интегративни процеси е главната поента на политичко олигархиската структура, производ на транзициските богаташи. Во современа држава по европски стандарди (членка на ЕУ), оваа структура нема да може да ја плачкосува државата, но меѓу другото, особено важно за нив е што им се заканува кандидатски статус за членство во друштвото „Вљубеници во полињата на Идриз беј“.

Енергетската криза, предизвикана поради една сулуда војна на излапени, општествено нереализирани, генерали за завојување на територии, проследена со хумана катастрофа и безброј невини жртви, колатерала како би рекле лудите генерали, претставува светски проблем. Европската унија презема низа мерки за да се спротивстави, да престане војната, и најде решение за енергетската криза, вклучувајќи ги и земјите членки на НАТО. Да подсетам дека ние сме членка на НАТО и кандидати за членство во ЕУ, аналогно на ова треба да ги следиме постапките кои ги преземаат овие две организации – сојузи.

На последниот состанок, ЕУ зазеде став за „плафонирање“ на цената на гасот и нафтата како и други мерки насочени кон заедничко решавање на проблемот. Во ваква ситуација „солирањето“ на нашите политички аналфабети е во колизија и директно ги подрива напорите на ЕУ и НАТО во пронаоѓањето на модалитети за излез од енергетската криза и прекратување на војната. Тоа пак од друга страна е директна закана по нашите евроинтегративни процеси, крајната цел на непринципиелната коалиција помегу лидерите на опозицијата и власта, поточно на нивните мафијашко-финансиски ментори. Не би сакал да навлегувам во детали за тоа која е фирмата (верувам Ви звучи познато „ЕФТ“ фирмата, и нејзините десетици придружници, под прикритие, во разни земји низ Европа, со разни имиња), од каде потекнува гасот (самиот Мицковски го посочи Газпром) или пак кој треба да купи 40 000 тони индонезиски јаглен, веќе истоварен во солунското пристаниште и чија сопственост е!?

Се надевам дека овој „водвиљ“ е добра причина да го разбуди заспаниот Љубомир Јовевски и „неговото“ ЈО, да ја прекрати оваа маскарада зад која се крие планетарна коруптивна зделка или да бидам експлицитен – кражба на векот. Дали, во оваа држава, постојат закони кои предвидуваат правила за јавни набавки, тендери, транспарентност на постапката, дополнително што предизвикувањето на несигурност, страв, психолошки терор врз граѓаните, што овие двајца „политички бројлери“, преку обидот за личен спас и лукративни интереси, популистички го сторија, преставува дел од битието на кривичното дело „Тероризам“.

Во целиот овој „театар на апсурдот“, зачудува, или можеби не, „главната улога“ на Мицкоски, всушност многу логично политичкиот „status qvo“ може да се одржи единствено доколку се спаси Мицкоски, односно остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, само на тој начин е загарантирано владеењето на СДС, доаѓањето на Заев на местото претседател на Македонија, како и реализација на олигархиските интереси, како на енергетската мафија така и на транзициските богаташи. Односно, попречување на евроинтегративните процеси и ставање на Македонија (одамна сме на маргините), во нужникот на Европа.

Доколку нешто ме прави „радосен“, во оваа политичка какафонија, тоа е среќата на неталентираниот професор, политички дустабанлија, Мицкоски. Имено, во оваа фарса тој конечно ја доби, му се оствари детскиот сон, улогата која одамна ја посакуваше „Путин од нашето маало“, целата македонска нација ќе ја стави во залог заради лечење на личните фрустрации, финансиски интереси и политичко преживување.

Знаеш Внучко, еднаш ти кажував, кога во 1492 год. се затекнав на „Санта Марија“, заедно со Христифор Колумбо, на патот за Индија. Кога допревме до брегот му велам на Крсто, така го викав по нашки, ова не е Индија, ова е нов свет. Како бе, вели, еве ги Индијанците. Каде бе Крсто си видел индијци без гаќи, ова е нов свет, дај да му дадеме име, еве ако не сакаш по тебе ќе го наречеме по мојата земја – Македонија. Но, Крсто како Крсто суетен, инаетлив до тука се бива…..И така потоа дојде умниот Америко Веспучи и се стори Америка, на Колумбо му дадоа една држава а нам едно мало гратче, кое и не може да се најде на картата. Така „благодарение“ на инаетот и суетата на Крсто, Америка не се стори Македонија…или обратно беше…како и да е! – така глаголеше Дедо Герасим.

На денот на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов.

Пишува вонреден професор д-р Оливер Андонов.