Од СЕЛЕК не знаеле дека Јакимовски е осомничен во случајот „Тврдина“

0
1354

Во СЕЛЕК, регионалната мрежа на 12 држави од југоисточна Европа, немале информација за истрагата на СЈО против нивниот генерален директор Тони Јакимовски кој е избран на 30-ти јуни на состанокот на центарот СЕЛЕК во Букурешт. Првпат слушнале од прашањата на Телма на кои подготвија одговор.

-За време на номинацијата и се досега, СЕЛЕК не доби никаква конечна одлука или пресуда од надлежен суд со која е прогласена против некој од номинираните кандидати, со што според конвенцијата на СЕЛЕК и изборните процедури, не постои никаква пречка за кандидатите да може да бидат избрани, стои во одговорот од Букурешт.

Тони Јакимовски е второосомничен во случајот Тврдина, Специјалното обвинителство го гони за злоупотреба и за фалсификување документи во тајната операција со која се уништени два системи за прислушување во МВР. Преку еден од уништените системи е извршено нелегалното следење на комуникации. Јакимовски кога биле уништувани системите и доказите бил началник на ткнр. Прва управа на УБК задолжена за координација во тајната полиција. Јакимовски се обидел да стана кандидат на Македонија за местото генерален секретар во СЕЛЕК уште во мај, но неговата номинација била отфрлена од тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На Јакимовски му било одбиено и барањето за неплатено 4-годишно отсуство по што на правната служба во МВР и била испратена и управна инспекција која се интересирала токму за одбиеното барање на Јакимовски. Но потоа, Спасовски е заменет со Митко Чавков, кој го менува македонскиот кандидат за позиција во СЕЛЕК и го назначува осомничениот од СЈО кој успева да ги освои гласовите на останатите земји членки на центарот СЕЛЕК. Јакимовски откако ќе замине да ја води СЕЛЕК организација која се занимава со прекугранична соработка во борбата против криминалот и трговијата со луѓе, со оружје и со дрога, ќе биде речиси недофатлив за истрагата на СЈО во случајот Тврдина.

Судот во Скопје иако знаел дека таква работа може да се случи го одби барањето на специјалното обвинителство на Јакимовски да му биде одземен пасошот.