ОД КОРОНА ПОЧИНА ЕКС ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ МАРКО ЗВРЛЕВСКИ

0
804

Поранешниот републички јавен обвинител, Марко Зврлевски, почина како последица на Ковид-19. Според информации на „А1он“, Зврлевски подолго време се лекувал од вирусот во болнички услови, а бил ставен и на респиратор како последица на тешката состојба која се развила по заразувањето со Ковид-19. Зврлевски почина на 60 години.

Марко Зврлевски е роден на 04.12.1960 година во Дебар. Основно и средно образование завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што го положува и правосудниот испит. Посетувал постдипломски студии од областа на граѓанското право на Правниот факултет – Јустинијан Први при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Работното искуство го започнува при Македонската академија на науките и уметностите (1988-1989), по што кратко време работи како новинар во Македонската радио телевизија. Од приправник по правна струка во тогашното Општинско јавно обвинителство во Скопје (1989-1991), преку стручен соработник (1991-1998), адвокат од областа на казненото право (1998-2000), заменик-јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје; (2000-2005), Зврлевски речиси целата своја кариера ѝ ја посветил на јавнообвинителската работа. Во декември 2005 година е распореден во Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција, а по трансформирањето на одделението, е избран за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од ноември 2009 до јануари 2013 година како Основен јавен обвинител раководи со Основното јавно обвинителство – Скопје. Во јануари 2013 година е именуван за Јавен обвинител на Република Северна Македонија која функција ја извршува до август 2017 година, кога е и разрешен. Во 2018 година тој отвори и адвокатска канцеларија, во која работеше откако го напушти Обвинителството.