Од Кале до крстот: Стар филм, нова проекција!

0
906

Не е важно само да се напише „Не сакаме Скопје да се претвори во Белфаст, Ерусалим или Бејрут“. Поважно е да се утврди кој го подотвува теренот за тоа, порачуваат граѓани од Бутел.

Гламјосана палма, уништен камен темелник за крст и затрупан со земја, и шатор за партиските чувари на ваквата глетка. Тоа е видливиот дел од она што остана по синоќешниот протест против подигањето крст во општина Бутел, организиран од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и предводен од нејзини министри и пратеници – Абдулаќим Адеми, Беким Незири, Талат Џафери, Артан Груби, Рафиз Алити, Ермира Мехмети… Благослов им даде партискиот лидер, Али Ахмети, кој на новинарски прашања дали протестот на ДУИ може да ја влоши безбедносната состојба во земјата, децидно одговори: „Протестите се столб на демократијата!“

Допрва ќе се утврдува суштинскиот биланс од штетата.

Прочитани манипулации

Што гореше синоќа во Бутел: палма, меѓуетничката доверба или пламенот кој треба да го згрее и живне замрзнатиот рејтинг на ДУИ? Сѐ е во игра кога доаѓаат избори, велат граѓани на општината, Македонци и Албанци. Азис Н. (42) жител на општината, го слушнал повикот за протест. На враќање од работа поминал покрај демонстрантите, но не останал таму. Си заминал дома.

„На протестот беа сите главни фактори на ДУИ и нивни партиски луѓе. Сите тие седат во иста Влада и во ист парламент со ВМРО-ДПМНЕ, со нив си делат бизниси, со нив си вработуваат свои луѓе, со нив нека си го решат проблемот. Што ќе сум им јас? Кој сум јас? Никој и ништо. Невработен. Јас немам време за протести. Три деца и тешко болни родители чекаат да им донесам леб и лек. За тој леб аргатувам на две места. Четиринаесет часа работам ‘на диво’ за ситна пара. Никој од ниедна партија не ме прашал како живеам. И да има крст и да нема крст, и да има орел и да нема, мене тоа ништо не ми менува. Живеам во мизерија и тоа ми е главната мака“, вели Азис.

Се помалку граѓани денес им веруваат на партиските „солзи“.

„Не си дозволувам на овие години да ме прелажат, ни едните ни другите“, категоричен е Ратко М. (62), жител на општината.

„Едните патриоти, дргите патриоти, а земјава се повеќе пропаѓа. Да бидам искрен, до пред 10-15 години, наивно подлегнував на некои повици ‘да спасуваме ова-она’. Времето покажа дека се е лага. Не верувам веќе никому. Се плашам само да не ни направат проблеми, да не ни ги нас’скаат децава пак да се тепаат по автобуси, бидејќи пред секои избори го гледаме истиот филм“, констатира Ратко.

Анализата на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ОВДЕ