Од ВМРО-ДПМНЕ да не ги чепкаат децата со попреченост, не Јасна Мандиќ, туку Ребека е претседател на РЦ, реагираат родители

0
863

Родители на деца со попреченост бурно реагираат по повод тврдењата на ВМРО ДМПНЕ дека Владата и дала 882.000 денари на Јасна Мандиќ, обвинета во случајот Рекет 2. Оваа сума била доделена на Ресурсен Центар на родители на деца со посебни потреби, за кој од партијата тврдат дека е во сопственост на Мандиќ.

-За да се даде ваква информација, треба од партијата да бидат целосно сигурни во тоа што го кажуваат. Јасна Мандиќ не е претседател на РЦ, туку тоа е Ребека Јанковска Ристески. Со оваа изјава се чепка во децата со попреченост, им се нанесува штета. Ова е срамно ширење на лаги, и најтрагично е што се застана против родителите на децата со попреченост – тврдат родители кои се членови во Ресурсен Центар.

Тоа дека Јасна Мандиќ не е претседател на РЦ, во разговор за ,,Фокус” го потврди и Ребека. Таа појаснува дека Мандиќ самата се повлекла од функцијата, веднаш откако се отворила истрагата против неа.

-Веднаш по настаните лани, Јасна сама се повлече со писмена изјава. Имаше состанок на Управен одбор, се гласаше, по што јас бев назначена за претседател. Веднаш објавивме демант, бараме ВМРО ДПМНЕ да се извини. Тие велат дека се против начинот на кој Владата го направила конкурсот и начинот на распределба на средствата – ни изјави Ребека.

Демантот по повод изјавата на Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата, е објавен на официјалната страница на Ресурсен Центар.

-Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби(во натамошниот текст Ресурсен центар) започна со активна работа во 2014 година како родителска организација со мисија да им служи на сите деца и лица со посебни потреби и нивните семејства преку обезбедување на поддршка, помош, пристап до информации, обезбедување на остварување на нивните права и овластувања во сите сегменти на животот, успешна социјална инклузија и подигнување на јавната свест и одговорност на национално ниво.

Инициран, формиран и воден од родители на деца со посебни потреби, а замислен како национален родителски сервис кој им служи на родителите и нивните деца со посебни потреби, Ресурсниот Центар делува како партнер на родителите, на здруженија чии активности и делување се однесуваат на децата и лицата со посебни потреби, но едновремено и на институциите кои работат на подобрување на условите на животот на децата и лицата со посебни потреби.

Согласно Статутот на организацијата Ресурсниот Центар има Собрание како највисок орган на здружението и Управен Одбор кој е составен од 7 членови од кои 3 членови се и лица со посебни потреби. Во согласност со тоа РЦ e Здружение ЗА лица со посебни потреби, но и Здружение водено и ОД лица со посебни потреби.
Ресурсниот Центар верува дека секое лице, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, има право да живее свој сопствен живот и да тежнее кон своите цели без ограничувања, предрасуди и очекувања од другите луѓе.

Нашиот став кореспондира и со МКФ – Меѓународната класификација на функционирање, попрeченост и здравје (International Classification of Functioning, Disability and Health – ICF) која се фокусира на профилот на лице со потенцијал, а не на лице со посебна потреба или попреченост. https://www.unicef.org/tfyrmacedonia/resources.html

За Претседаталот на Ресурсен Центар на родители на деца со посебни потреби едногласно од Управниот одбор беше избрана Јасна Мандиќ, а после четири години повторно беше реизбрана едногласно од Управниот одбор. Заради новонастанатата ситуација на 04.12.2019 година Јасна Мандиќ официјално се обрати до Управниот одбор на Ресурсен Центар :

„ Во интерес на опстанокот на организацијата ,која прво лично мене многу ми значи и која заедно со сите родители и ангажирани успеавме да је креираме како независна и партнерска точка за сите, би сакала да договориме измени кои ќе значат успешно продолжување на работата на Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби и зголемување на апликативните капацитети. Токму заради апликативните капацитети отстапувам од функцијата Претседател и член на Управниот одбор на здружението. Ја користам можноста да Ви се заблагодарам на сите за укажаната доверба во двата мои мандата.“

На 25.12.2019 година за Претседател на Ресурсен Центар беше избрана Ребека Јанковска Ристевски.

Според форматот со кој Ресурсниот Центар беше создаден, неговата политичка независност е утврдена и истиот се оградува од каква била поврзаност со која и да е од политичките партии во Република Северна Македонија. Напротив, финансиската поддршка која Ресурсен Центар ја добиваше во текот на своето работење од страна на многуте меѓународни здруженија, фондации и невладини организации, беше субјект на строг надзор и ревизија со цел задоволување на највисоките стандарди за финансиска исправност и транспарентност.

Од горенаведеното јасно е дека РЦ не е сопственост на ниедна индивидуа. Поради тоа остро ја демантираме изјавата која беше дадена на прес конференција од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Истата изјава е базирана на голем број невистини за кои ние како Ресурсен Центар на родители на деца со посебни потреби бараме јавно извинување од Иванка Василевска и нејзината политичка партија – наведено е во демантот.