Ова се новите заменици министри на ДУИ во Владата на Заев

0
1756

Владата се подготвува за комплетирање на вториот ешалон, но и за избор на државни секретари и директори на јавни претпријатија. Засега е извесно дека ДУИ во новата влада ќе биде застапена со четири заменички министерски места.

Вицепремиерот Бујар Османи на својот фејсбук профил ги објави замениците министри предложени од ДУИ.

Агим Нухиу ќе биде заменик во МВР, Беким Максути во одбрана, Висар Ганиу во образование и Ширете Елези во финансии.

Претходно ДУИ во владиниот кабинет доби четири министерски места и две вицепремиерски. Алијансата за Албанците ја предложи Арта Точи за заменик министер во ресорот надворешни работи, Ремзи Мехмети во Министерството за транспорт и врски и Елми Азири во Министерството за труд и социјална политика.

Во текот на неделава Собранието треба да ги верификува нивните мандати.
Денеска на седница на Влада се очекува да бидат разрешени и директорите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање, Митко Чавков и Владимир Атанасов.

Назначувањето на замениците доаѓа по вчерашната посета на премиерот Заев во Брисел.

Се очекува на 26 јуни, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан ќе го посети Скопје, а почетокот и текот на реформите ќе биде под лупа на Брисел, кој очекува „конкретна реформска агенда со кратки рокови“.

Целта е во октомври да се добие позитивна оценка и во декември Советот на ЕУ да прифати неусловена препорака за почеток на преговорите.