ОБВИНИТЕЛСТВОТО СО НОВИ ДОКАЗИ ЗА ,,ТАЛИР-2″, ВМРО-ДПМНЕ НЕ ПЛАЌАЛО ДАНОК НА ИМОТ ПЕТ ГОДИНИ

0
1035

Со цеде и документи, обвинителот Љубомир Лапе, утрово на Основниот кривичен суд во Скопје му предложи дополнување на доказите во судењето за предметот „Талир 2“, кое се однесува на противзаконската градба на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, објави денеска истражувачкиот портал Призма.

Меѓу четириесетината докази, се најдоа и решенија од Град Скопје за данок на имот за седиштето на партијата. Според листата докази што на судот му ја предал обвинителот Лапе, ВМРО-ДПМНЕ, дури годинава платило данок на имот за седиштето на партијата за периодот од 2017 до 2021 година.

Обвинителот, во листата докази предложи и царински декларации за набавениот инвентар во Белата плата.

На денешното судење, дополнителни докази предложи обвинетиот Кирил Божиновски, кој во тоа време бил генерален секретар на партијата.

Следното рочиште за „Талир-2“ е закажано за 17 мај.

Во судскиот процес „Талир-2“ обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои се товарат за злоупотреба на службената положба. Обвинителството ги гони поради тоа што овозможиле градежната компанија „Бетон“ од Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во период кога оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, што е во спротивност со Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра. Инаку, овој судски процес се суди уште од 2019 година.