ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ЕКСПЕРИМЕНТАЛНОТО ЛЕКУВАЊЕ ВО КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“, ПО ИСТРАЖУВАЧКАТА СТОРИЈА НА ИРЛ

0
644

Истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да се известат дека се дел од медицинска студија. (Фото:СДК.МК)

Скопското јавно обвинителство по допрен глас отвори предмет за недозволеното експериментално лекување на пациенти во клиниката „Жан Митрев“ од Скопје, по синоќешната објава на сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија.

„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, се вели во кусото соопштение од ОЈО Скопје.

Документарецот е базиран на сведочењето на семејство чиј член починал во приватната клиника откако добил повеќе интрахоспитални бактериски инфекции бидејќи бил подложен на хемофилтрација. Клиниката немала одобрение од МАЛМЕД за користење на оваа метода иако болните од ковид биле ставени на експериментална процедура за лекување. На пациентите, ниту на семејствата не им било кажано дека се предмет на експеримент.

Истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да се известат дека се дел од медицинска студија.