Обвинителството му одговори на Чулев: АНБ не врши незаконско прислушување

0
649
Од скопското јавно обвинителство информираат дека нема да отворат предмет по известувањето од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој неодамна изрази сомнеж дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) врши незаконско прислушување.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во поглед на поднесеното писмено известување од техничкиот министер за внатрешни работи, кое се однесуваше на кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и на кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в од Кривичниот законик.

Писменото известување се однесуваше на тоа дека има определени недоследности во функционирањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Надлежниот јавен обвинител направи проверки во МВР, во ОТА и во АНБ, од каде беа доставени потребните податоци за проверка наводите во известувањето.

Од анализата на писменото известување, како и на доставените одговори и податоци, произлезе дека реформата на безбедносниот систем, основањето и функционирањето на ОТА и на АНБ, како и начинот на извршување на нивните надлежности, претставуваат системски прашања и од кривично-правен аспект не постои основ за постапување, се вели во соопштението на обвинителството.

Кон крајот на мај, министерот Чулев обвини дека е констатирано кршење на законите од АНБ.

-Констатирано е фрапантно кршење на законите каде што поранешната УБК, денес Агенција за национална безбедност, се уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникациите а кои се однесуваат за кривични истраги кои што ги спроведува МВР. Односно, по четири години од извештајот на Прибе, состојбата во УБК останува во најголем дел непроменета. Агенцијата се уште е дел од системот за следење на комуникациите, спротивно на законот. Таа се уште има можност за пристап до сите телефонски разговори кои се предмет на оперативна обработка од страна на МВР, рече Чулев.

Тој појасни дека АНБ се уште ја задржала посредничката улога, односно имала увид во следењето на комуникациите.

-И покрај тоа кон крајот на 2019 година направена е надградба на системот кој физички е сместен во АНБ, а е наменет за МВР, и не била отстранета оваа посредничка улога на АНБ, рече Чулев.

Сепак, денеска обвинителството информираше дека не утврдиле ништо спорно во работата на АНБ.