Обвинителите за Кежаровски, „Маѓар телеком“, Ангел и за Ставриќ во тимот на Јанева

0
1413

12032515_10206216674009000_999418926_n

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска го претстави тимот од 14 јавни обвинители што ќе работат со неа на решавање на случаите од прислушуваните материјали што ги објави СДСМ.

Тоа се Артан Ајран, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Лиле Стефанова, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стевчо Дончев, Трајче Пеливанов и Фатмир Фетаи.

Дел од нив се непознати за јавноста и не работеле на поголеми случаи, но дел работеле и на случаи во кои биле вклучени политичари, како и случаи по големи полициски акции, пишува Мета.

Јавната обвинителка Лиле Стефанова ги водела случаите „Маѓар телеком“, „Шпион“, „Ликвидација“, „Фаланга 2“ и тој на претседателот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ.

Лиле Стефанова е единствениот обвинител што доаѓа од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а ја води и предистражната постапка за случајот „Маѓар телеком“, која Јавното обвинителство ја отвори пред десетина дена „по допрен глас од јавноста“. Стефанова го водела четиричасовниот распит на поранешниот шеф на тајната полиција, Слободан Богоевски.

Во случајот „Ликвидација“, таа побара притвор и затворски казни за судии, адвокати, јавен обвинител и за новинарот Томислав Кежаровски.

Во случајот „Фаланга2“ биле донесени 12 затворски и четири условни казни за 16 обвинети. Во тој случај, затворсак казна од три години доби и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.

Во „Шпион“, 22 лица беа обвинети за шпионажа против интересите на Република Македонија. Меѓу обвинетите беше и шефот на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и новинарот Зоран Божиновски.

Јавниот обивинител Дарко Јакимовски работел на случајот со убиството на Ангел Петковски од Ѓорче Петров, кој беше убиен кај Европска очна болница на 19 мај минатата година, за што на 14 години затвор беше осуден Насер Ештрефи.

Лејла Кадриу, јавен обвинител од Тетово, била во работната група за изработка на предлог-текст на Законот за јавно обвинителство.

Снежана Бундалевска е познатата по случајот „Тајвански кредити“, кој на обвинителна клупа ги стави Васил Тупурковси и Јован Андонов. Исто така, таа е позната и по случајот на обвинитиот Никола Кузмановски, кој беше обвинет за убиство на медицинската сестра на детската клиника во Скопје на 9 јануари оваа година.

Јавниот обвинител Трајче Пеливанов работел на случајот со очниот доктор Дејан Ставриќ, кој беше обвинет дека, наводно, зел мито од 2.000 евра за да посредува при добивање инвалидска пензија. Основниот суд Скопје 1 во мај годинава вторпат го осуди Ставриќ на една година затвор, откако процесот беше вратен на повторно судење зашто Апелацискиот суд ја укина пресудата.