НУКЛЕАРНА БОМБА НА НЕДЕЛНИКОТ ФОКУС: КАМЧЕВ НЕ УСПЕА ДА СЕ СПАСИ, ИСТРАГАТА ПРОТИВ НЕГО И САШО МИЈАЛКОВ, ИМПЕРИЈА РЕСТАРТИРАНА И СЕ ШИРИ КОН ПОВЕЌЕ ФИРМИ, ОКО ЈА ЗАСИЛИ ЛИЛЕ СТЕФАНОВА СО УШТЕ ЕДЕН ОБВИНИТЕЛ!!!

0
2406

Текстот е објавен на 21 ноември 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1259

Неколку недели пред јавноста да слушне за случајот на СЈО „Империја“, во неформален разговор со обвинителката Лиле Стефанова, прашувајќи ја дали работат на нови истраги, низ шега ни откри дека се фатила во работа со големи риби, но прашање е дали ќе успее да ги улови или ќе ѝ се скине мрежата!

Набргу по разговорот, кон крајот на 2018 година, дотогаш недопирливите, бизнисменот Орце Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков завршија во притвор, по што стана очигледно за кои „риби“ зборувала обвинителката.

Со нивното апсење за момент се разби тезата дека во државата нема привилегирани, но, сепак, по неколку месеци, токму кога се прибираа доказите и се обезбедуваа сведоците, шефицата на СЈО, Катица Јанева, ги пушти во домашен притвор. Тогаш се направи и првиот рез на мрежата. Потоа следуваа и другите нелогични правни потези на Јанева, по што самата се улови во мамката поставена од своја рака.

За пленот целосно да ја скине мрежата и да се ослободи, како пречка очигледно остана уште само обвинителката Стефанова, бидејќи осомничениот бизнисмен Камчев е во мисија да ја дискредитира и да ја тргне од предметот.

КАМЧЕВ СЕ ЖАЛИ ДЕКА ПО НАЛОГ НА СУДОТ БИЛ НЕЗАКОНСКИ ПРИСЛУШУВАН, АМА КРИВА МУ Е ОБВИНИТЕЛКАТА!?

Експресно по распадот на СЈО, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, истрагата за случајот „Империја“ повторно ѝ ја довери на обвинителката Стефанова.

Очекувањата на Камчев, пак, беа поинакви. Тој се надеваше дека ќе се „ослободи“ од обвинителката вмешувајќи ја во аферата „Рекет“, во пакет со Јанева, но таа, како и тој, го доби статусот на сведок.

Јанева, пак, заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец се обвинети дека се пазареле со бизнисменот да го спасат од кривичен прогон за „Империја“, а за возврат да им исплати 8 милиони евра.

Иако Стефанова беше задолжена за истрагата, сепак сомнителните одлуки, поради кои Јанева заврши со лисици на рацете, ги носела лично шефицата. Таа даде зелено светло осомничените да одат во домашен притвор, иако во тој момент извори од обвинителството брифираа дека клучно за истрагата било осомничените да се задржат зад решетки барем уште два-три месеци.

– Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат врз истрагата, што се покажа како точно, велеше Стефанова.

Второто повластување, добивање времен пасош, Камчев исто така го доби од Јанева додека нејзината колешка Стефанова беше на годишен одмор и тоа без да ја консултира.

И кога веќе се бројат деновите за „Рекет“ да влезе во судница, а Стефанова се обидува повторно да ја активира истрагата за „Империја“, Камчев до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против неа. Ја обвинува дека заедно со Јанева и со нејзиниот син Лазар Јанев се организирале во злосторничка дружина против негоа со цел да се збогатат.

Од напишаното се добива впечаток дека обвинувањата се речиси идентични како и оние во „Рекет“ и истрагата за „Меѓународниот сојуз“. Па така, се посочува дека обвинителките Јанева и Стефанова, преку синот на Катица и Боки 13 му понудиле на Камчев фиктивни договори за изградба на старски домови и трговски центри во вкупна вредност од 8 милиони евра.

Тврдењето на бизнисменот е дека бил уценет доколку не ги прифати овие договори, против него ќе биде покрената кривична постапка. Па така, на тој начин, според Камчев е отпочната истрагата за случајот „Империја“, кој воедно ја спори и надлежноста на СЈО за овој предмет, повикувајќи се на рокот од 18 месеци кој СЈО го имаше за спроведување на истрага.

Сепак, ова прашање е веќе апсолвирано, бидејќи според Законот за СЈО, рокот од 18 месеци тече од преземањето на „бомбите“ или од материјалите од редовното обвинителство, како што беше во случајот.

Рокот не беше спорен ниту за Кривичниот и Апелациониот суд, бидејќи со судска наредба беа извршени претреси кај осомничените, а дел од нив беа прислушувани со употреба на Посебни истражни мерки.

Камчев во пријавата, пак, пишува дека неколку месеци незаконски му биле следени комуникациите, иако само една реченица погоре самиот кажува дека тоа било со одобрение на судот. Па, затоа логично се поставува прашањето, зошто со пријавата не е опфатен и судијата што ја потпишал наредбата, туку само обвинителката, која барала дозвола од судот?

СЦЕНАРИСТОТ НА „РЕКЕТ“ ПО ПОТРЕБА ПРАВИ ЗАМЕНА НА АКТЕРИТЕ

Во намерата да докаже дека и Стефанова учествувала во рекетирањето, Камчев во еден дел од пријавата пишува дека од бизнисменот Ванчо Чифлиганец побарала деловен простор, а за кој требало да плати тој. Камчев во пријавата вели дека поседува СМС пораки кои ги потврдуваат неговите тврдења, а предлага и да им бидат одземени телефоните на Стефанова и Чифлиганец за да се обезбедат дополнителни докази.

Ваквото обвинување беше дел и од истрагата за „Рекет“, но очигледно е дека обвинителката Вилма Русковска не му поклонила верба. Чифлиганец негираше дека Стефанова побарала ваква услуга од него, а обвинителката и јавно раскажа за нејзината комуникација со бизнисменот. Таа појасни дека Чифлиганец го искористил познанството со неа и се обидел да изврши влијание врз предистрагата што ја водела, за што биле известени повеќето обвинители во СЈО, но и нејзиниот истражителски тим.

– На средбата што се одржа во просториите на СЈО, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот, велеше Стефанова.

Таа уште тогаш тврдеше дека Камчев на овој начин се обидува да ја дискредитира како обвинител што води постапка против него.

По спомнувањето на деловниот простор, за кој наводно требало да плати 200.000 евра, Камчев повторно се навраќа на „Империја“, па вели дека Јанева и Стефанова незаконски ја отвориле истрагата, незаконски му направиле претрес, го упасиле, го ставиле во притвор… И тука повторно наведува дека овие активности СЈО ги презело со амин од судот, но, сепак, на одговорност не повикува ниту еден судија.

Камчев во пријавата се навраќа и на делот кој веќе е опфатен во обвинението за „Рекет“, односно дека Боки 13 и Кичеец имале средби со неговата сопруга Ана Камчева и ја убедувале да им исплати милионски суми. За разлика од обвинението, во овој дел не се споменува Боки 13, туку Стефанова. Наводно, Јанева и Стефанова преку Кичеец ја повикале Камчева, а на средбата бил и адвокатот Васил Димишков, при што биле побарани 2, 4 или 6 милиони евра, за заедно со Стефанова да го затвореле предметот, со признание дека предметот бил фингиран.

Потоа Камчев појаснува дека дел од парите биле исплатени преку „изнудно“ рекламирање на 1ТВ и 1,5 милиони евра во кеш, за кои наскоро ќе им се суди на Јанева, Јовановски и на Кичеец. Тоа се истите пари, 500.000 евра дадени директно од Камчева и еден милион спакувани во „луј витон“ торба, но очигледно дека Камчев во делбата инсистира да ја вклучи и обвинителката Стефанова.

И во самиот финиш на кривичната пријава се споменува уште една судска одлука за која бизнисменот бара одговорност од Стефанова, односно за конфискување имот од 10,7 милиони денари на КАРА АД Скопје. Имотот бил конфискуван по барање на обвинителката, но со одлука на судот. Но, повторно, ниту еден судија не е споменат во пријавата, туку одговорност се бара само од обвинителката.

СТЕФАНОВА НЕМА ДА БИДЕ ИЗЗЕМЕНА ОД „ИМПЕРИЈА“, ИСТРАГАТА АКТИВИРАНА

Извори од обвинителството за „Фокус“ појаснуваат дека засега воопшто не се разгледува можноста обвинителката Стефанова да биде изземена од истрагата за „Империја“. Нашиот соговорник појаснува дека секој осомничен или обвинет може да поднесе кривична пријава против обвинителот што го гони, за да го дискредитира и да бара негово изземање, а во случајот, засега немало сомнеж дека е потребно да се преземе таков чекор.

Сепак, од обвинителството коментираат дека кривичната пријава од Камчев ќе биде разгледана, по што ќе се донесе одлука дали ќе биде прифатена или не.

Истрагата за „Империја“, пак, од неодамна повторно е активирана, и како што дознаваме, потребни се уште неколку месеци до една година за целосно да биде завршена. Неодамна републичкиот обвинител Љубомир Јовески, покрај обвинителката Стефанова, назначи и втор обвинител, колешката Гордана Смаќовска.

Оваа истрага беше отворена со образложение дека ќе ја разоткрие „империјата“ на некогашните бизнис-партнери Сашо Мијалков и Орце Камчев. Како што дознаваме, двајцата кон крајот на 2017 година ја прекинуваат својата долгогодишна дружба, а во летото 2018 година ја окончале и својата бизнис-врска, односно ги разделиле бизнисите.

Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителството ја црпи од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, КристинаКамчеваНенад Јосифовиќ и други соговорници.

Само за неколку месеци, кога истрагата беше активна во СЈО, беа обезбедени голем број материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Засега сомнежот е дека е затаен данок од над 10 милиони евра, а неколку милиони биле „испрани“.

Во видикот на истражителите од СЈО беа петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.

Во центарот на истрагата, пак, биле две компании, фирмите „Финзи“ и „Ексико“, преку кои во државата, според сомнежите на обвинителството, влегле 2,5 милиони евра, односно толку биле испрани. Сума од 4 милиони евра била исцицана од „Бетон Штип“ и испрана, односно обвинителството се сомнева дека Камчев ја купува градежната компанија со цел да испумпува пари од неа.

Изворите брифираат и дека истата сума на сличен начин била злоупотребена од уште една компанија.

„ЕКСИКО“ И „ФИНЗИ“ БИЛЕ ГЛАВНИТЕ ПЕРАЛНИЦИ НА ПАРИ?

Стартот за обвинителството бил спорниот плац зад „Рамстор“, но потоа почнале да копаат во минатото, навраќајќи се на стечаите на неколку компании кои биле во сопственост на сега покојниот Илија Камчев.

Уште во 2002-2003 година се појавил сомнеж дека се избегнува данок кон државата во износ од 5,9 милиони евра, а кој наводно требало да се затскрие со стечај на фирмите, меѓу кои биле „Орка спорт“, Орка текстил“ и „Орка холдинг“. Парите преку лажните стечаи се изнесувале надвор од државата, а потоа повторно се враќале назад, но „испрани“.

Имено, 75 отсто од компанијата „Орка холдинг“ била дадена под залог на компанија од САД, „Global Finance Group LLC“, за која компанијата „Орка холдинг“ требало да изработи униформи, но имала и побарување за консултантски услуги. Набргу фирмата била донесена пред стечај, а на ваквата ситуација алармирал тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, кој предупредувал да не се затвораат фирмите бидејќи многу должат за данок, но имаат и имот од кој може да се наплати, ама сепак никој не го послушал. Така, кај дел од доверителите завршиле конци, патенти, спортска опрема, а најголем дел од колачот лапнала компанија од САД „Global Finance Group LLC“, на која подоцна како полномошник се јавува шоферот на Камчев. Оваа странска компанија се јавува и како основач на македонските компании „Мала Богородица ДООЕЛ Скопје, „МОНТ КОМ ДООЕЛ“, „О.К. ИДЕА ДООЕЛ Скопје“ и на „Орка спорт ДООЕЛ“.

За овој случај, во тоа време, истрага отвора и обвинителството, а дел од обвинителите биле упорни случајот да се истера до крај, но сепак финишот бил запирање на истрагата поради немање на доволно докази.

Вториот дел од истрагата на СЈО е насочен на периодот од 2009 година, кога се отвораат нови фирми во Македонија, нови офшор компании, преку кои обвинителството се сомнева дека се перат парите, а потоа повторно влегуваат во Македонија, како основачки влогови за фирмите. Централниот дел го зазема фирмата „Ексико“, која поседуваше акции во големи акционерски друштва и купуваше плацеви на Водно.

Иако оваа компанија истражувачките новинари во Македонија ја врзуваа со Мијалков, но сепак сите патишта на СЈО водеа кон Камчев. Поточно, оваа компанија ја основа „DELTA INVESTMENT LTD“ од Белизе, чиј сопственик пак бил Илија Камчев, а требало да служи за фискализација. Во еден период Камчев, компанијата му ја препушта на Жарко Луковски, но потоа пак се враќа во рацете на Камчев, бидејќи ја купува офшор-компанијата „CALVUS LLC“, која исто така била во сопственост на Камчев. Од оваа фирма на сметка на „Ексико“ се слеваат 1,6 милиони евра прилив од странство. Дел од парите завршуваат на сметка на Камчев, а со дел се купува имот во Гевгелија, на кој треба да се градат казина. Според сознанијата на СЈО, Камчев живее во куќа на „Ексико“, а на компанијата е и еден дел од куќата на Мијалков.

Денес сопственик на „Ексико“ е фирма со швајцарски капитал „T&MJ Investment“ од Лугано, а зад која според сознанијата на СЈО стои член на семејството Мијалкови.

СЈО открило дека во еден период, Камчев бил сопственик и на компанијата „Финзи“ со седиште во САД. Оваа компанија, односно фирма ќерка во Македонија, е под лупа на СЈО и за предметот „Трезор“, за спорна набавка на опрема за МВР, каде што еден од обвинетите е Мијалков.

Во Скопје во 2009 година се основа компанијата „Финзи“, со сопственик Владислав Стајковиќ, која добива прилив од 650.000 евра од мајката фирма во САД. Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина Кардиологија“, фирма која подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ (Систина, Финзи, Кара).

– Денешна „Кара“ е старата „Орка“. Денешна „Орка“ е старата „Кара“, велат извори од истрагата, посочувајќи на промените што се правеле за да успеат малверзациите.

„ИМПЕРИЈА“ СЕ ШИРИ

Како што дознава „Фокус“, истрагата за „Империја“ е проширена, односно тука се приклучуваат предистрагите за „МПМ“, поради лажниот стечај, при што биле оштетени вработените и државата, како и предистрагата за „Графички центар“.

Камчев при крајот на 2011 година влезе во медиумската компанија Медиа Принт Македонија (МПМ), која ги поседуваше весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, а кои подоцна пропаднаа.

Од „бомбите“ слушнавме дека влезот на Камчев во МПМ, Мијалков го објаснуваше со зборовите „таму сега јас преземам контрола“.

Обвинителството ја истражуваше и измамата што наводно ѝ била направена на КирацаТрајковска, која беше еден од мнозинските акционери во „Фершпед“ поради долг во Еуростандард банка. Таа преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола, а Камчев, кој е дел од Управниот одбор, наместо кредит, според СЈО, ѝ понудил друг начин на исплата на средствата, по што би биле ослободени нејзините акции.

Но, откако наводно за нејзината намера дознал Штерјо Наков, побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Трајковска за продажба на акциите формирала фирма со нејзината ќерка, а за управител бил поставен Ненад Јосифовиќ. Тој, без нејзино знаење, како што велат од СЈО, ги продава акциите на фирми и лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена. Парите од зделката завршуваат во фирмите Ексико, Орка Холдинг и Тимох.

За потребите на истрагата „Империја“, Камчев, од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година бил под посебни истражни мерки, односно легално со налог на судот биле прислушувани неговите телефонски разговори.

Камчев под истрага беше и во 2003 година, кога тогашниот министер за внатрешни работи Хари Костов обелодени даночно затајување преку пирамидален модел на педесетина фирми ставени под една иста капа, сите роднински поврзани со Камчев. Пријавата беше поднесена поради сомнеж за малверзации при поврат на ДДВ, во износ од речиси два милиони евра, поради што тогашниот директор на Даночната управа, Сезаир Реџепагиќ, беше разрешен од функцијата и против него беше поведена судска постапка.

Овој случај не дојде до судница, но неофицијално дознаваме дека имало извршно судско решение, според кое Камчев со камата требало да ги врати парите.

Во тој период, особено кога ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт, бизнисменот се врти кон нив, а се зборува и за големата дружба на Камчев со тогашниот моќен пар во судството, Филимена и Михајло Маневски.

И сега се шпекулира дека осомничениот има изградено „империја“ во правосудството, од што можеби и ќе зависи дали мрежата која сè уште е во рацете на Стефанова ќе се скине!

СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ПРЕДВРЕМЕ СЕ ИЗЗЕМА ОД „ИМПЕРИЈА“

Пред неколку месеци, судијката Добрила Кацарска, во своето гостување во „Правда и неправда“ на сега затворената 1ТВ, се осврна на шпекулациите дека интервенирала околу притворот на Орце Камчев.

– Фамилијата Камчеви не се само мои пријатели, тоа се наши фамилијарни пријатели. Ова пријателство не е од пред 5 години, уште чичко ми од студентски денови бил пријател со сега покојниот Илија Камчев, а со него се дружеше и татко ми. Мојата мајка работеше преку 30 години кај Илија Камчев, снаа за мој прв братучед 30 години работеше кај Камчев, ќерка ми работи во Систина. Јас тоа пријателство не само што не го кријам, туку јавно ќе кажам дека тие луѓе биле дел од мојот живот и така ќе остане. Во поглед на мое интересирање во притворот под полна материјална одговорност кажувам дека не сум реагирала кај ниту еден судија, истакна Кацарска.

Кацарска нагласи и дека доколку ѝ биде предаден случајот „Империја“ ќе побара изземање од предметот.

– Немојте ни да се сомневате. Кога јавно кажувам дека тие луѓе ми се мене како фамилија, секако дека нема да го прекршам законот и доколку дојде кај мене таков предмет секако дека ќе барам изземање ако има таков предмет, рече Кацарска.

Валентина Вурмо