НСДП: Никола Груевски може да посакува, но Македонија нема потреба од нови избори

0
1201

„Неуспешниот обид на Никола Груевски да обезбеди мнозинство во Парламентот за да формира Влада потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не е победник на изборите. Пласирањето во јавноста на тезата дека тие се победници, независно од тоа што не постои парламентарно мнозинство кое ќе ја ефектуира таа наводна „победа“ само зборува за конфузноста и очајот во кој запаѓа Груевски соочен со фактот дека неговиот криминоген режим е целосно делигитимиран и практично демонтиран. Развојот на политичките настани покажа дека „најголемиот број на пратеници“ кои ги има освоено ВМРО-ДПМНЕ не е доволно „голем“ за да се формира Влада, што е и смислата на една парламентарни избори. На секого му е јасно, освен на оние кои не можат да се помират со фактот дека во Македонија се случува промена на власта, дека победник на изборите е оној кој може да обезбеди најмалку 61 пратенички мандат за состав на Влада.

Резултатот од предвремените парламентарни избори ја постави политичката рамка која ќе треба да ја изнесе Македонија од политичката криза. Во овој политички контекст ниту Груевски, ниту било кој од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, не може себеси да се гледа како дел од Влада која на својата агенда ќе има реформски приоритети и декриминалзиација на институциите на државата, затоа што нивната политичка агенда за тоа што сака да направат со Македонија ја соопштија на 17 декември минатата година, на што се повикаа и по неуспехот да формира коалциија со ДУИ. Фашисоидниот проглас кој Груевски го читаше пред своите „Ќосиња“, повикувајќи на пресметка со политичките неистомисленици, граѓанскиот сектор и амбасадорите на пријателски земји, не може да биде платформа која може да донсе стабилност и просперитет во државата.

Груевски го нема правото да се заканува на граѓаните со тврдењата дека секоја Влада без ВМРО-ДПМНЕ ќе значи дестабилизација на Македонија и продлабочување на кризата. Осум години ДУИ за Груевски не претставуваше никаков проблем, бидејќи фамилија непречено можеше да го уништува правниот поредок и да се богати на сметка на граѓани, но наеднаш откако не постигнаа договор, стариот коалиционен партнер стана предмет на демонизација и извор на нестабилност во државата.

Никола Груевски може да посакува но, Македонија нема потреба од нови избори. Во овој момент, кога не се исцрпени сите можности за формирање на парламентарно мнозинство, и тоа без ВМРО-ДПМНЕ, одењето на нови предвремени избри ќе значи само понатамошно продлабочввање на политичка криза, а не и нејзино разрешување. Процесот на демисионирање на криминалците од политиката е започнат и нема потреба истиот да се загрозува со нови избори кога мнозинската волја на граѓаните може да биде ефектурана и во пратенички мандати, односно врз основа на постојниот изборен резултат да се формира стабилна политичка влада со јасни реформиски приоритети за возобновување на деморкатскиот поредок во државата“, се вели во соопштението на НСДП.