НОВИНА НА МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО: Од нова година ќе почнат со работа ноќни педијатриски пунктови во поликлиниките Бит Пазар, Јане Сандански и Ѓорче Петров

0
866

Во Поликлиниката „Бит Пазар“, утрово го промовиравме еден од трите ноќни педијатриски пунктови, кои почнуваат со работа на 1 јануари 2019 година.

Овие пунктови во Поликлиниките „Јане Сандански“, „Ѓорче Петров“ и „Бит пазар“, за граѓаните ќе бидат отворени секој работен ден од 19:30 до 7:30, вклучувајќи и лаборатории за испитување на крв и урина кои ќе работат секој ден до 23:30 часот. Во недела, овие пункотови ќе работат 24 часа, а лабораторијата од 8:00 до 23:30 часот.

Целта на отворањето на овие педијатриски пунктови е родителите побргу и полесно да стигнат до медицинска помош за своите деца кога се болни. Со отворањето на пунктовите ќе ги приближиме лекарските служби до пациентите кои живеат далеку од Клиничкиот центар.

Педијатриските пунктови ќе бидат во постојана комуникација со Клиниката за Детски болести. Со ова им даваме препорака на родителите своите деца прво да ги носат во педијатриските пунктови, а доколку процени лекарот дека состојбата е посериозна ќе ги препрати на Клиниката за детски болести. Упатуваме апел и до матичните лекари, прво децата да ги препраќаат во педијатриските пунктови, а не во Клиничкиот центар.