Николовски: Грозјето скапува по нивите, а Владата и министерот Цветков се кријат

0
803

Соопштение од дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски:

Уште пред еден месец, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, побарав од Владата веднаш да донесе мерки за интервентен откуп на вишокот грозје заради стабилизација на пазарот. Јас и мојот тим побаравме државата да биде гарант на откупот.

Родот скапува по нивите, грозјето не е собрано, ниту исплатено, а Владата и министерот Цветков се кријат. Тие останаа глуви на нашите барања и дополнително ја продлабочија маката на лозарите.

Како овие луѓе ќе ги платат долговите на оние од кои ги земале препаратите за заштита? Како ќе ги платат комуналните трошоци кои се многу високи, како ќе ги платат давачките кон ЕВН ако не им е откупен родот?

Мерката за помош на винарските визби, која се однесува само на ограничено количество откупено грозје и тоа само од сортата вранец, не значи ништо за лозарите.

Ниту родот се откупува, ниту има директна поддршка во цената што треба да ја добијат, а да не зборуваме за исплата на штетата што лозарите ја претрпеа од несобраното грозје кое досега остана да калира и паѓа на лозјата.

Вакви решенија не се потребни, ниту се во интерес на лозарите.

Го повикуваме министерот Цветков да излезе и јавно да каже што понатаму со црното и бело грозје кое не е ни половина собрано? Дали министерот Цветков и Владата имаат слух за проблемите на лозарите? До кога ќе се кријат и ќе манипулираат со лозарите?

Јас и мојот кабинет нема да дозволиме со несоодветни мерки да се врши притисок врз лозарите и откупувачите. Лозарите не смеат да бидат алатка за гласање и инструмент за остварување лични интереси.

Ќе продолжиме да вршиме притисок за носење на одлука за интервентен откуп врз Владата и секогаш кога има пореметување на понудата и побарувачката се со цел да излеземе во пресрет на лозарите и нивниот стандард.