Никола Димитров : „Цврсто сум убеден дека и овој изборен процес уште еднаш ќе ја потврди македонската демократија, каква се очекува од земја членка на НАТО и од земја која забрзано се движи кон ЕУ“

0
930

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес оствари средба со Laima Liucija Andrikiene, Шеф на Специјалната изборна оценска мисија на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори на 15 jули 2020 година. 

На средбата, министерот Димитров изрази благодарност до ОДИХР за брзото распоредување на набљудувачката мисија, при што ја истакна подготвеноста на институциите за обезбедување на неопходните услови за успешно набљудување на изборите од страна на мисијата, во актуелните околности. Министерот го подвлече значењето на набљудувањето на ОБСЕ/ОДИХР за довербата, кредибилитетот и транспарентноста на изборниот процес. „Цврсто сум убеден дека и овој изборен процес уште еднаш ќе ја потврди македонската демократија, каква се очекува од земја членка на НАТО и од земја која забрзано се движи кон ЕУ“, истакна Димитров.  

Шефот на набљудувачката мисија, г-ѓа Андрикиене, информираше за досегашните активности, при што истакна дека набљудувањето на изборите, со оглед на здравствената криза, ќе биде спроведено со помала мисија која има целосен мандат да ги набљудува сите аспекти на изборниот процес: „Ве уверувам дека и со ваквиот формат на Мисијата, наметнат од пандемијата, ние нашата работа ќе ја завршиме квалитетно и ефикасно во функција на успешна мисија за кредибилно набљудување на изборниот процес“. Таа изрази надеж дека овие избори ќе бидат демократски и фер, на линија на европските изборни стандарди и дека ќе бидат потврда на заложбите на Република Северна Македонија не само во контекст на ОБСЕ, туку и во контекст на европската интеграција.