НИКОЛА ДИМИТРОВ СО ЕМОЦИОНАЛНА КОЛУМНА: Дали направивме се’ што можеме во дадените околности? Дали извлековме максимум без притоа да го загрозиме договорот? Апсолутно!

0
1135

Нема поголема должност од директно соочување со најголемиот проблем што со децении ни’ ја попречува иднината. Што не’ влече надолу како камен врзан за државноста во бурните води на Балканот. Одговорноста да се создаде шанса, да им се понуди избор на граѓаните, на народот, е позначајна од било какви политички калкулации, па макар тоа да значи и политичка саможртва. Со предложеното решение се става точка на сите идентитетски прашалници и предизвици. Македонци, македонски народ,македонски јазик. Се обезбедува европска иднина и НАТО безбедност.

Дали договорот е идеален? Секако не. Но, да не заборавиме дека секој успешен договор треба да ги исполни најважните интереси на двете страни. Дали направивме се’ што можеме во дадените околности? Дали извлековме максимум без притоа да го загрозиме договорот? Апсолутно. И затоа ќе го бранам со се’ што сум и со целото срце. Зошто се втурнавме во ова? За да можеме да се погледнеме во огледало, да си кажеме дека направивме се’ за да го фатиме возот за иднината, заштитувајќи го идентитетот и достоинството. За да спиеме мирно. Со мирна совест.

Ви благодарам на сите за безбројните пораки со поддршка, совети и критики сиве овие месеци. Ги читав иако не секогаш одговорав. Човек е голем, силен и мудар толку колку што му се големи, силни и мудри пријателите.

Утре одам во Берлин за да им кажам дека кај нас во Македонија имаме шанса за историски успех. Успех што треба да се поддржи со почеток на преговори за членство во ЕУ и со членство во НАТО.

Никола Димитров, министер за надворешни на Република Македонија