Никола Димитров: Каква Македонија сакате бе луѓе? Башибозук или закон? Криминал или правда?

0
1395

Кризата на одговорност во неколку чекори:

Слушаме снимени разговори полни со индиции за криминал. Слуша човек и гледа дека државата лежи на земја.

Власта не дава оставка, вели сечени, лепени, но не ги дава на вештачење. Странци биле криви. Уште Космос да го изградеа, за да не видиме дека разговорот за рушењето одговара со реалноста.

Одговорност нема ни правна, што не е чудно, бидејќи според снимките, и правосудството им е во џеб.

Големиот срам излезе и надвор. Со домашен и надворешен притисок се формираше СЈО, со согласност на сите партии, за да ги расчистува сериозните индиции за огромен криминал, изборни измами, злоупотреба на државата, закани и уцени, корупција и што уште не.

Иванов ја донесе па ја повлече аболицијата – најсрамниот чин во нашата историја. Со сите сопки, СЈО почна да отвора истраги. Еден судија се охрабри да одобри домашен притвор за градоначалникот на Битола.

Наместо да се срамат и да молчат, да даваат оставки и да се каат, да бараат процеси за да им се исчисти образот, тераат луѓе на протест против храбриот судија. На протест за да се заташка, за да нема одговорност.

Каква Македонија сакате бе луѓе? Башибозук или закон? Криминал или правда? Неказнивост или одговорност? Четирите букви ги пикнавте во калта. А луѓето што во името на тие букви бараат заташкување ги правите соучесници.

Народе, историска е раскрсницата. Ако ова не го казниме, ако нема одговорност, ниту заслужуваме, ниту ќе видиме подобро. Ова не е избор меѓу ВМРО и СДСМ, меѓу Груевски и Заев. Ова е избор меѓу безнадежноста и распадот од една страна, и правдата, надежта и иднината од друга страна.

Отворете очи, и пред огледало прашајте се: што ќе им кажам на моите внуци за мојата улога кога се решаваше дали ќе стане од калта нашата Македонија? Кога се кршеше дали ќе не’ биде?

Мислам дека ова ни’ е последната шанса.

Никола Димитров – Фејсбук статус