НИКОЛА ДИМИТРОВ ЖЕСТОКО ИМ ЗГРМИ НА СТРАНЦИТЕ ОД ЕКОНОМСКИОТ ФОРУМ ВО БЕЛГРАД : НИТУ ЕДНА ФОРМУЛАЦИЈА НА ЗБОРОВИ НЕМА ДА БИДЕ ДОВОЛНА ДА СЕ ОБНОВИ КРЕДИБИЛНОСТА НА ЕВРОПСКОТО ВЕТУВАЊЕ КОН РЕГИОНОТ, АКО ВО НАЈСКОРО ВРЕМЕ НЕМА ОПИПЛИВ И КОНКРЕТЕН ИСЧЕКОР

0
1387
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска на Белград економскиот форум имаше воведно обраќање на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“.
Главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува оваа среда во Брдо, Словенија.
Вицепремиерот Димитров посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.
Димитров: „Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со коишто се реафирмираше европската перспектива.“
Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со КОВИД-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.
Димитров: „Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет.“
На панелот учествуваа и претставници на ЕУ и земјите членки – амбасадорот на ЕУ во Србија Емануел Жофре, амбасадорот на Словенија Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент Владимир Билчик, како и на граѓанското општество – претседателката на Европското движење во Србија Јелена Миниќ, додека пак модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.