Не се карај со будала

0
1744

Не сум сигурен дека треба да се дебатира на ТВ со оние што се за бојкот или што јавно немаат став за тоа дали треба да се излезе на гласање или да се апстинира.

Од дебатите што до сега ги видовме станува јасно целта на противниците на Договорот е иста како пред изборите и пред формирањето влада. Тогаш масовно го користеа плашилото познато како “Тиранска платформа” и обвинуваа за национално предавство, воведување двојазичност, казни за Македоците што нема да говорат Албански, за уценетост на Заев, за пропаст и исчезнување на Македонија.
Ништо од сето тоа не се случи.

Но. Сега имаат ново плашило за народот. Тоа го нарекуваат “грчки договор”. Реториката и аргументите па и актерите на чело со Ѓорге Иванов се исти.
Заев бил уценет. Потпишал капитулантски договор. Ќе го снемало македонскиот јазик. Ќе сме се откажеле ид македонскиот национален идентитет. Сами ќе сме се укинеле како нација и држава. А тие “патриотите”тоа немале да го дозволат.
Немаат ниту еден аргумент за своите тврдења. Ниту идеја како тие би постигнале и кога подобар договор со Грција за да и се отвори патот на Македонија за влез во ЕУ и НАТО.

Во секоја дебата само викаат “предавници, уценети, ќе ви суди историјата, ги криете амандманите,зад грбот на народот ја продавате Македонија” и соговорниците ги нарекуваат “криминалци” местачи на тендери корумпирани автократи и слично , заради што и со потпишување на Договорот Македонија не добивала гаранција дека ќе стане членка на ЕУ и на НАТО.

Тие дебатите ги користат за да му ја згадат политиката на народот. Да посеат што е можно повеќе страв и омраза. Да ги исплашат луѓето дека сето ова води кон голем внатрешен судир и дека е најдобро во такви услови, на денот на референдумот да останат дома.

Оттука. Дебатите од овој вид се непродуктивни. Тоа не се дебати со луѓе кои имаат елементарно почитување за секој од нас кој верува во тоа дека од Договорот со Грција повеќе добиваме од што губиме туку дебати со луѓе кои мразат,навредуваат, лажат, манипулираат и се закануваат.
Така владееја 11 години и со тие методи сакаа да ги добијат парламентарните и локалните избори.Но,ги изгубија.
Сега го користат истиот метод а не се сменети ниту актерите.

Треба да извлечеме искуство и да се држиме до онаа изрека:” Не се карај со будала. Тој ќе те симне на негово ниво. И таму ќе те победи со искуство.”

Ѓорѓи Спасов