Не знаете каде терате, му порачаа кавадарчани на ВМРО ДПМНЕ, откако реагираа против отворање на Ковид-19 одделение во градот

0
968

-Дали не сметате дека со оваа одлука за формирање на Ковид- 19 болница во Кавадарци ќе се зголеми стравот кај нашите сограѓани за пружање на основни здравствени услуги надвор од вирусот Ковид-19? – прашуваат од ВМРО ДПМНЕ ОК Кавадарци, по најавата за отворање на Ковид-19 одделение за прием на дијагностицирани пациенти.

На прес конференција одржана од страна на ВМРО ДПМНЕ во Кавадарци, од партијата порачаа дека стравуваат за здравјето на граѓаните, кои спаѓаат во останати групи на заболувања.

-Кавадаречката јавност треба да знае зошто се отвора Ковид-19 одделение за прием на дијагностицирани пациенти, кога до сега во неа немаше инфективно одделение туку функционираше само со инфективна амбуланта и дали може да функционира Ковид-19 одделение со само еден инфектолог.

Благодарение на свеста,почитувањето и спроведувањето на превентивните мерки на кавадарчани, ние како град релативно успешно се справуваме со овој вирус.

Нашата болница е преполна со пациенти со останати заболувања, не само од Кавадарци туку и од околните градови.

Со формирањето на Ковид-19 болницата поради неспособноста на Владата на СДСМ се доведува во прашање здравјето на граѓаните од останатите групи на заболени лица.

Одговорност мора да има, бидејќи здравјето на граѓаните е пред се – порачаа од ВМРО ДПМНЕ ОК Кавадарци.

Поголемиот дел од кавадаречката јавност го дочека ставот на партијата со негодување. Прашуваат дали доколку има нови позитивни лица во општината, подобро е да трчаат на клиника во Скопје или во други градови, доколку може да се лекуваат во својот град.

-Вака ли се грижите за народот? И болницата во Кавадарци е дел од здравствениот систем, а вашите партиски ставови се контрадикторни. Не знаете каде терате со овие изјави – порачаа граѓаните на социјалните мрежи.