НЕ БИЛО САМО СКОПЈЕ 2014-ТА, ГРУЈО ИМАЛ И ДРУГИ ИДЕИ: ЗАД ВОДНО ТРЕБА ДА НИКНЕ НОВО СКОПЈЕ – ЕВЕ КАКО НИКОЛА ГРУЕВСКИ ГЛЕДА НА РАЗВОЈОТ НА МЕТРОПОЛАТА

0
996

За почеток еден тунел под Водно, а потоа уште два, треба да го поврзат Скопје со три нови градски јадра – тоа е визијата за која поранешниот премиер пишува на Фејсбук.

Скопје како главен и најнаселен град во Македонија има потреба од голема промена и нов хоризонт. Долгорочно, за неколку децении, планината Водно треба да стане средиште, а не завршеток или крај на јужниот дел на Скопје.

Потребно е проектирање на најмалку три, а за почеток изградба на само еден тунел под Водно со голем проток за коли и најмалку 8 коловозни ленти, како и простор за воз, трамвај, велосипеди и пешаци. И сите потребни подземни инсталации, како гасоводни, водоводни, канализациски и други цевки, кабли и слично, кои ќе помогнат во развојот на новиот дел од градот, или можеби новиот град.

Во кој дел како микро локација на централното градско подрачје би понирал тунелот од страната на Скопје и би излегувал од другата страна, би требало да биде работа на високо стручни професионалци, градежници, архитекти и урбанисти, но јасно е дека каде и да биде, ќе има потреба од претходна експропријација на земјиште и можеби и куќи, чии сопственици треба да бидат чесно и пазарно обештетени и исплатени, за да може да се изгради тунелот кој на Скопје ќе му отвори нов хоризонт на југ, во правец кон денешната општина Сопиште односно област во јужниот дел на Скопската котлина наречена Каршијак, во сливот на Маркова Река.

Три нови градски јадра

Тоа е крупен проект кој бара освен пари и време, промена на генерален и детални урбанистички планови, меѓуопштинска соработка и голем ангажман на владата и кој надминува еден мандат на една влада. Потребна е и мнозинска јавна поддршка. И бара многу способна влада.

Другите два тунели би можеле да се изградат подоцна, можеби по 10, 15 или 20 години по градбата на првиот, кога Скопје на големо ќе се прошири и изгради зад планината, отворајќи перспектива кон еден многу живописен крај со прекрасни пејсажи и села кои сум ги посетил и од каде секогаш ќе паметам неверојатни незаборавни глетки, како с. Цветово на пример.

Тој дел од градот би имал отоворена визуелна или географска перспектива кон езерото Козјак и кон езерото Матка, планината Караџица, планината Јакупица со врвот Солунска глава (2.540 метри) и планината Китка, која се наоѓа југоисточно од градот Скопје. Таа е дел од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина и претставува негова североисточна гранка. Тука е и планината со највисок истоимен врв Китка со надморска височина од 1.588 метри, а на билото се истакнува и врвот Краста (1.445 м) и препознатливи карпести облици. Билото на планината Китка претставува вододелница на долините на Маркова и Кадина Река. Изобилува со богат шумски фонд, претежно од листопадни дрвја (бука, даб, јасика) како и нискостеблести и грмушести зимзелени растенија. Кратко кажано многу живописна природа и глетка на околината, сончева област и со многу почист воздух од оној во Скопје.

Тунелот би требало да понира во низинскиот дел на Скопје, и да излегува на другата страна исто така во низинскиот дел на општината Сопиште.

Таму пак, можеби еден, два или повеќе километри подалеку од излезот од тунелот, односно подлабоко во низината и помалите ридови би требало да се предвидат најмалку три градски јадра или најмалку три нови центри. Сето ова во оваа фаза е многу полесно, бидејќи сега таа површина е ретко населена.

Нови булевари, трамвај и воз

Сегашната конфигурација на Скопје со еден центар кој се поврзува со плоштадот Македонија и со поширокиот дел околу него, урбанистички познат и како „Мал Ринг“ ја намалува функционалноста во сообраќајот, паркирањето, еколошки не е добар за здравјето на граѓаните заради голема концентрација на издувни гасови и создава многу загуба на време поради сообраќајниот метеж.

Трите нови центри можат да се разликуваат по стиловите на архитектурата на нивните “мали рингови”.
Па така, на пример, еден може да е со современ архитектонски стил, вториот може да е со историски архитектонски стилови, а третиот со футуризам. Се разбира, третиот би бил најскап, но и супер атрактивен, какви што делови или квартови има во Париз, Лондон и други главни градови.

Секако, оваа одредница на архитектонските стилови би важела само за централните јадра во радиус од околу 500-1000 метри, во кој светски познати архитекти кои би ги ангажирала државата однапред и кои би испланирале сѐ. Сѐ зад таа линија на трите нови “мали рингови” би било оставено на слободен избор на секој претприемач односно нивните архитекти.

Доколку така се одлучи, средствата наменети за тунелот би можеле да бидат вратени назад со плаќање на дневна/неделна/месечна/годишна вињетка за сите кои сакаат да го користат, сè додека инвестицијата не се врати во целост. Така, луѓето од другите градови нема да имаат чувство дека платиле со парите од нивните даноци проект кој нема или многу ретко ќе го користат.Втора опција е да биде исфинансиран од буџетот со неповратни средства, како што сите досега инвестиции се направени.

Со тунелот би требало на самиот почеток да се направат и најмалку два или три широки вкрстени булевари со осум коловозни ленти, простор за пешаци, велосипеди, трамвај и воз, кои ќе ја дадат новата форма и основата на новиот дел на градот, или ако така се одлучи, на новиот град со ново име. Не знам кое. Можеби Ново Скопје, или сосема друго име.

Скопје полесно ќе дише

Има многу примери во големи градови во светот каде под еден поголем рид во сред град има тунел. Има такви и во Будимпешта, Прага и во други градови. Сигурно вие ќе се сетите на повеќе такви каде сте биле.
Ништо невообичаено, а ќе биде едно долгорочно големо проширување и олеснување за Скопје.

За побрзо да заживеат по изградбата на тунелот, на ново проектираните плоштади во трите нови центри може државата да изгради и префрли три или повеќе, односно по една или две државни установи или министерства, што значајно ќе го растерети сообраќајот, паркирањето и гужвите во сегашниот центар на Скопје. Исто така сите државни институции ќе треба да отворат свои подрачни единици таму, како за почеток најмалку по една полициска станица, амбуланта или поликлиника, пожарна и сл.

Сè другото подоцна ќе си оди спонтано и ќе го решава пазарот и приватниот сектор, освен ново проектираните улици и друга инфраструктура кои ќе треба да се градат постепено како што се градат населбите. Дури и овие три или повеќе објекти на државни установи не се најнужни. Може и без нив. Тие само би го забрзале развојот на тој дел, но и без нив иако побавно, развојот ќе се случи.

Приватниот сектор ќе има голем интерес да инвестира таму. Скопје ќе се прошири, ќе се релаксира, „полесно ќе диши“, ќе се гради и ќе станува сè поубав и поатрактивен град. Од новите три центри до државната болница „Мајка Тереза“ ќе се стигнува со возило побрзо отколку од Радишани, Бутел, Маџари или од Ѓорче Петров.

Тунелот и целиот опишан проект би значел голем развој за општината Сопиште и за тамошните села, населби и жители исто така. Исто така би значел и голем развој на општината Студеничани, која е соседна општина на Сопиште и во непосредна близина на новиот дел на градот.Овој тунел и булеварот кој ќе излегува од него, може перспективно да биде почетната точка за градба на автопат од Скопје кон Охрид и Битола преку Македонски Брод, кој речиси за половина ќе го скрати патувањето.

Проектите за нова жичарница и за ски-патека се спремни

Скопје, односно владата, би требало да ја заврши и втората фаза од жичарницата, а тоа е од Средно Водно до градот односно до Клиниката за детски болести Козле, како што веќе се е испроектирано и подготвено за градба уште од 2016 година. Третата фаза би можела да биде жичарница од врвот на Водно, па по сртот сè до езерото Матка, а четврта фаза откако ќе заживее новиот дел на Скопје зад планината Водно, би била од врвот на Водно па до еден од новите три центри на новиот дел на Скопје, преку планината.

Оваа страна на Водно, која сега е посетувана и која е со помалку сонце, е погодна за пешачење особено во лето, и за изградба на скијачка патека, за која владата која ја предводев комплетно го заврши проектот за нејзина изградба со опрема и за вештачки снег до степен на отворање тендер за градба и надзор, додека другата страна, онаа сончевата ќе стане поатрактивна за пешачење во зима.

Обиколницата околу Скопје „Мајка Тереза“, која 80% беше изградена во времето кога ја предводев владата на Македонија, при нејзиниот завршување, бидејќи сега е полупрстен или полу обиколница, би завршувала на периферијата на новиот дел од градот или новиот град, како и да се одлучи.

Фејсбук статус на Никола Груевски