Непотизам – 11 лица биле вработени во УБК без јавен оглас од претходната власт

0
2023

За време на минатата власт, УБК било легло на ќерки, синови, сестри, снаи… на функционери. ТВ21 објавува нови блиски лица на тогашните функционери кои биле вработени во УБК. За некои од овие добивме потврда, за некои немаше никаков одговор, известува телевизијата.

М. Жужалевска партнерката на поранешниот директор на УБК во притвор, осомничен за организација на насилниот упад во Собранието на 27.04.2017 Владимир Атанасовски, од приватна фирма без јавен оглас се вдомила во УБК во 2008 година. И нејзиниот брат И. Жужалевски кој по формирањето на ОТА е преземен од УБК исто така бил вработен без јавен оглас во УБК во 2014 година. Двајцата во петатта управа во екот на аферата со незаконското прислушкување.

Сопругата на еден од обвинетите за настаните од 27.04.2017 кој по наредба на Атанасовски и други добил наредба за вадење и уништување на снимките од камерите во Собранието, С. Марковски, В. Марковска во 2012 година била вработена во УБК без јавен оглас.

Обезбедувањето на актуелниот директор на УБК, И. Давчев кој во пакет со Горан Грујовски дојде од одбраната, обезбедил вработување без јавен оглас на својата сопруга М. Давчева во УБК во 2012 година.

Обвинетиот за 27.04.2017 И. Вучевски, обезбедил вработување на неговиот син М. Вучевски без јавен оглас во УБК во 2015 година.

Прочуениот Владимир Варелов, кој во предметите пред СЈО против Горан Грујовски и Сашо Мијалков се спомнува како лице чиишто идентитет бил употребуван и злоупотребуван во аферата со прислушкувањето и за други злоупотреби, обезбедил вработување без јавен оглас во УБК на својата сопруга Б. Варелова во 2012 година.

Поранешниот командант на специјалните полициски единици Петрушевски, обезбедил вработување без јавен оглас на сопругата Р. Петрушевска во УБК во 2012 година.

Брачниот пар началници Митиќ, сопругата во УБК, мажот во БЈБ му обезбедиле вработување на синот без јавен оглас во УБК во 2015 година.

Браќа началници Милошевски во УБК обезбедиле вработување без јавен оглас во УБК на сопругата/снаат С. Милошевска во 2015 година.

Брачниот пар началници Дирлевски во УБК обезбедиле вработување без јавен оглас на нивниот син во УБК во 2012 година.

Поранешниот градоначалник на Кривогаштани, Заткоски без јавен оглас во УБК Прилеп си го вработил внукот А. Заткоски во 2015 година.

Ова се само дел кои ги дознава ТВ21, останатите им ги остава на Државната комисија за борба против корупцијата.